Ќе се судрат ли во Чаир Бујар Османи и Изет Меџити? Во албанскиот блок финишираат изборните стратегии и изборните листи

Генерална политичка клима пред претстојните локални избори покажува дека албанскиот политички блок е во фаза на „калкулации“ и зајакнување на коалициските позиции.

Љубиша НИКОЛОВСКИ

ДУИ, Алијанса за Албанците (и нејзините фракции „Села“ и „Таравари“), БЕСА/Алтернатива (ВЛЕН) ги распоредуваат силите низ општините Струга, Тетово, Гостивар и другите општини со мнозинско албанско население.

Од македонскиот блок, ВМРО ДПМНЕ е во активна подготовка, а СДСМ  донесе одлука да не излегува на кандидатури за градоначалници во општини со албанско мнозинството туку со советнички листи.

Али Ахмети, Зијадин Села и Арбен Таравари во наредните денови официјално ќе ја потпишат соработката за претстојните локални избори, со цел апсолутна доминација на политичката сцена. Според информациите до кои дојде порталот Тетовасот, тројцата албански политички лидери веќе постигнале договор за заеднички настап на локалните избори во октомври со подела на општините.

ДУИ ќе има кандидати во: Тетово, Чаир, Кичево, Боговиње, Бервеница, Желино, Студеничани, Липковo, Долнени и Чашка (вкупно 10 општини).

Алијанса за Албанците на Села ќе настапи во: Струга, Дебар и Арачиново (3 општини).

Алијанса за Албанците на Таравари ќе ги покрие: Гостивар, Врапчиште, Сарај и Теарце (4 општини).

Иако политичките партии сè уште официјално не ги објавиле имињата на кандидатите, неофицијално се спомнуваат неколку имиња меѓу кои и лидери на партии и министри во Владата. Веројатно сфатиле дека и покрај се најбезбедна, најдолговечна и можеби најпрофитабилна функција сепак е градоначалничката.

Така освен Висар Ганиу, од ВРЕДИ за Чаир може да биде кандидат и Изет Меџити. Тој сѐ уште не се изјаснува и се повикува на тековни анкети од кои според рејтингот на кандидатите ќе зависи и нивната кандидатура за градоначалник.

Од Европскиот фронт, неофицијално се споменува името на кандидаттот за претседател на државата и поранешен министер за надворешни работи, Бујар Османи како можен кандидат за Чаир. Наводно, но во трка е и Абдуселам Селами, но од коалицијата велат дека одлуката ќе биде донесена наскоро.

Во Општина Липково најверојатно за втор мандат ќе „трча“ актуелниот градоначалник Еркан Арифи од редовите на ДУИ, додека од ВРЕДИ се споменуваат Илијаса Абази, претседател на огранокот на Алтернатива и Мустафа Весели од Демократското движење.

Во Сарај се спомнуваат имињата на Блеранд Рамадани од Алијансата за Албанците – крило на Таравари, додека од ВРЕДИ се врти името на  Мухамед Елмази, извршен директор на „Номагас“, но и Орхан Муртезани, актуелен министер за европски прашања.

Во Тетово се спомнуваат имињата на Бајрам Реџепи и Фатон Ахмети од ДУИ. Што се однесува до ВРЕДИ, се очекува актуелниот градоначалник Биљал Касами да се натпреварува за втор мандат.

Во Гостивар е можно ВРЕДИ да го подржи независниот економист Висар Адеми. Од Алијансата за Албанците на Таравари, можни кандидати се самиот Арбен Таравари или досегашниот градоначалник Ваљбон Лимани.

Во Кичево се знае дека независниот кандидат Шкодран Алили повторно ќе се кандидира, додека од ДУИ се очекува да излезат со Фатмир Дехари за трет мандат. ВРЕДИ најверојатно ќе излезе со Фатмир Лимани, актуелниот министер за труд, социјална политика и демографија.

Во Струга се спомнува името на бизнисменот Менди Ќура како кандидат на ВРЕДИ, и Зијадин Села од Европскиот фронт, АА.

Очигледно е дека и покрај кадровскиот потенцијал со кој располагаат партиите, во јавноста се вртат и имиња на независни кандидати кои добиваат подршка не само од граѓаните, туку на кои се лепат и партиите во борбата за придобивање на гласачкото тело.

Некои од имињата кои веќе и се познати на пошироката јавноста се издвојуваат:

Нагип Фејзи како независен кандидат за градоначалник на Гостивар. Нагип Фејзи е влијателна личност во економскиот и бизнис сектор на албанските простори. Се позиционира како важен економски советник, со политички импакт. Акцентот му е поставен на регионална интеграција, трговски реформи, но без формално политичко учество. Преку јавни настапи, тој притиска влади за прилагодување на политичките мерки на бизнис климата и интересите на инвеститорите. Инаку е бизнисмен од Гостивар  со искуството стекнато во Италија каде развил и менаџирал млекара и потоа отвори млекара во Беловиште, Гостивар, како дел од брендот „Фејзи“ во Северна Македонија. Претседател е на Форумот за економски развој „Пан Албански економски Форум“ (“Pan Albanian Economic Forum”), со учество на бизнисмени и државни претставници од Албанија, Косово и Северна Македонија, со цел поттикнување на економска соработка.

Висар Адеми се споменува како кандидат за Гостивар. Професор по економија, јавен коментатор и аналитичар, активно ангажиран на универзитети во регионот, вклучително и институтот „Александар Мојсиу“ („Alexander Moisiu“) во Драч, Албанија, каде има издаден академски  профил со публикации за развој на човечки капитал и бизнис иновации.  Автор на истражувања фокусирани на човечки капитал и бизнис ориентирана економија. Редовно учествува во јавни дискусии за локални и национални економски политики, инфлација, фискална политика и бизнис климата.

Манди Ќира, влијателен бизнисмен, претседател на Стопанската комора на Северозападна Македонија, сопственик на „Трим и Лум“ и „Струга Трим Лум“ фудбалски клуб. Официјално објави независна кандидатура за градоначалник на Струга, поддржан, но формално не е кандидат од коалиција „Вреди“.  Неговата програма нагласува обединување преку транспарентни политики, акцент на инфраструктурни проекти (пример: водовод), широк механизам за поддршка од бизнисите и граѓаните. Менди Ќира како претседател на Комората на Северозападна Македонија беше силен подржувач на идејата на ССМ за зголемување на минималната плата на работниците на 500 евра во замена за ослободување на компаниите од придонеси во одреден времени период кој би го покрила државата. Идејата не доби подршка од Владата.

Мухамед Елмаз за Сарај. Името кружи како „локално респектиран“ кандидат надвор од партиските структури, но нема повеќе информации за неговиот професионален ангажман.

Независни кандидати се споменуваат и за Тетово, Дебар и Желино но нивните имиња се сè уште непознати.

Овие кандидати сѐ уште не се формално најавени – некои чекаат поддршка од партии, други го испитуваат теренот за потписи.

Има и случаи кога независни кандидати се очекува да  бидат поддржани од коалиции, како што може да биде случај со Фејзи, Адеми или Ќира.

Во многу општини „независниот“ профил е всушност партиски сојуз со технократска фасада – модел кој се користи од ДУИ и ВЛЕН за да се допаднат на урбаните гласачи.

Но она што го засенува изборниот календар е правниот вакуум за независните кандидати, кој настана откако Уставниот суд ги укина спорните одредби од Изборниот законик – токму оние што го зголемуваа бројот на потребни потписи за самостојно кандидирање.

И покрај одлуката на судот, пратеници од власта и опозицијата повторно поднесоа законски измени со кои се предлага повторно покачување на прагот за независни кандидати. Овие измени сега се заглавени во Собранието, поради противењето на партијата ДУИ и немањето Бадентерово мнозинство.

Правниот хаос може директно да влијае врз учеството на граѓанските иницијативи и независните листи. Не е јасно дали тие ќе можат да се кандидираат без потписи, со еден потпис или со нов, поголем број, што е спротивно на веќе донесената уставна одлука.

Граѓанскиот сектор бара итна реакција, автентично толкување од Собранието и блокирање на обидите за ограничување на независното политичко учество.

Зачлени се на нашиот е-билтен