Според податоците на Националната земјоделска мрежа, во 2025 година се очекува зголемено производство на градинарски култури за 20 до 30 проценти, но тоа не значи дека цените на овошјето и зеленчукот ќе се намалат. Министерството за земјоделство најави поврзување на земјоделците директно со маркетите за да се избегнат посредниците, кои го зголемуваат трошокот, анализира Радио Слободна Европа.
Земјоделците во Струмица почнуваат со бербата на пролетната зелка, но, и покрај зголеменото производство, не се сигурни дали тоа ќе ги намали цените, кои веќе достигнаа до 70 денари за килограм. Граѓаните се жалат на скапиот зеленчук во маркетите и на зелените пазари, а особено се жалат на доматите, краставиците и пиперките, чија цена достигнала и до 170 денари за килограм.
И покрај зголеменото производство, нема гаранција дека цените ќе паднат, бидејќи тоа зависи и од климатските услови.
Ѓорѓи Каракашев, претседател на Националната земјоделска мрежа, смета дека проблемот лежи во отсуството на државна стратегија за земјоделството, што резултира со големи осцилации во производството од година во година.
„Во периоди на хиперпродукција, државата увезува производи од странство, а нема стратегија за стабилност во производството“, вели Каракашев.
Министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, најави дека Министерството ќе се обиде да ги поврзе земјоделците директно со маркетите, за да се намали вмешаноста на посредниците. Според него, тоа ќе доведе до поевтини производи на полици. Трипуновски истакна дека се работи на поврзување на земјоделци од Струмица со маркетите, со што ќе се намали цената за граѓаните, а посредниците ќе бидат исклучени од синџирот.
„Целта е да ги намалиме цените на производите. Сега, секој производ се купува на граница на рентабилност, но кога ќе се продава преку посредници, цената на полица е многу поголема“, објасни Трипуновски.
Во исто време, Владата воведе ограничување на маржите на околу 100 производи, вклучувајќи и оние од есенската и новогодишната кошница, со цел да се намалат цените. Ограничувањата ќе траат до крајот на април.
Нема обврска за маркетите да имаат квоти за домашни производи, иако Драган Иванов, директор на СИЗ ЛКА, истакнува дека трговците имаат морална обврска да продаваат домашни производи, но нема законска обврска за тоа.
Градинарските производи најчесто се набавуваат од големите пазари, додека за увозните се јавуваат дополнителни трошоци за транспорт и други надоместоци, што влијае на зголемувањето на цените.
Професорката Даниела Мамучевска од Економскиот факултет во Скопје нагласува дека проблемот со домашното земјоделство лежи во недостатокот на добро развиен систем за производство и пласман. Таа предлага нов модел кој ќе ја подобри конкурентноста на домашните производи и ќе ја зголеми нивната присутност на пазарот.
Во 2023 година, Северна Македонија увезла храна во вредност од 1,1 милијарда евра, додека извезла храна во вредност од 720 милиони евра. Покриеноста на увозот со извоз во земјоделството продолжува да опаѓа, намалувајќи се од 75% во 2020 на 66% во 2023.