Кекеновски: Правосудниот испит не е прашање на симболика, туку филтер на знаење и способност за примена на законите

Кекеновски

Барањето правосудниот испит да се полага на друг јазик не е прашање на јазични права, туку политички инструментализирано барање спротивно на државниот интегритет, уставниот поредок и правната сигурност. Правото не е политички или етнички договор, туку државен и професионален стандард.

Со овие оценки започнува објавата на проф. д-р Јове Кекеновски како реакција на протестите за барање за полагање на правосуднит испит на албански јазик. 

Понатаму Кекеновски ги наведува уставните и законските одредби што го регулираат ова прашање:

– Уставот – Амандман V ставовите 1 и 2 на Уставот се децидни и јасни: „На целата територија во Република Македонија и во нејзините меѓународни односи, службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, исто така, е службен јазик и неговото писмо, како што е определено со овој член.“ Но, употребата на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните се однесува на службената комуникација во институциите, подрачните единици на министерствата и единиците на локалната самоуправа, а не на менување на професионалните критериуми за влез во правосудниот систем.

– Член 1 од Законот за употреба на јазиците ја утврдува службената употреба на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните. Тоа е закон за службена комуникација и службено постапување, а не закон што уредува стручни, квалификациски и професионални стандарди за влез во правосудниот систем.

▪️ Член 2 од Законот ја уредува употребата на јазикот во органите на државната власт, јавните институции, постапките и други области. Но и тоа е уредување на службена употреба во институциите, а не уредување на условите под кои некој станува судија, обвинител или носител на правосудна функција.

– Член 9 од Законот предвидува употреба на јазиците во судски, управни, кривични, парнични и други постапки, односно гарантира право на употреба на јазик и превод во постапка. Но тоа право е право на странката и учесникот во постапката, а не доказ дека стручниот правосуден испит мора или треба да се полага на друг јазик.

Со други зборови, вели Кекеновски, Законот за употреба на јазиците уредува како државата комуницира со граѓанинот и како постапува во институционална и процесна смисла, но не уредува на кој јазик државата ќе го проверува знаењето на идниот судија или обвинител.

„Правдата и правичноста не смеат да бидат предмет на политичка трговија или политичка уцена. Правдата почнува и завршува со знаење, критериум и државен интегритет“, вели Кекеновски.

Според него, правосудниот испит не е прашање на симболика. Тој е филтер на знаење, правна логика, терминолошка точност и способност за примена на законите. Во правото, еден збор, еден термин, една запирка можат да создадат сосема различна правна последица, укажува Кекеновски.

За Кекеновски во правото, јазикот не е само средство за комуникација. Тој е алатка на нормата, инструмент на правната прецизност во примената на правните одредби и основа на правната сигурност

„Судија или обвинител не смее да биде личност која формално ги исполнува условите, а суштински не го владее на највисоко професионално ниво јазикот на кој се создава, толкува и применува правниот поредок. Тоа не е прашање на дискриминација. Тоа е прашање на компетентност. Правниот јазик не е ‘техничко прашање’, туку темел на правната сигурност“, истакнува професорот.

Граѓанинот не прашува на кој јазик некој судија или обвинител полагал испит, нагласува тој, туку сака да знае дали тој судија или обвинител го разбира законот, знае да го примени, умее да донесе јасна, прецизна и законита одлука и може да гарантира правна сигурност.

„Ниту една политичка интерпретација и барање не смеат да бидат надвор од уставната и законската рамка. Барањето правосудниот испит да се полага на албански јазик не е „проширување на права“, туку  обид за политичко проширување на нешто што Уставот и Законот за јазиците не го уредуваат и не го предвидуваат“, нагласува Кекеонвски во објавата.

За Кекеновски правосудниот испит не „етничко или политичко туку пред се државничко прашање’’.

Кекеновски ја наведува и практиката за ова прашање во други држави:

  • Франција – испитите се полагаат на француски;
  • Германија – на германски; 
  • Италија – на италијански;
  • Шпанија – на шпански (кастилски);
  • САД – на англиски
  • Во сите сериозни правни системи, правосудниот испит се полага на службениот јазик на правниот поредок

„Ниту една сериозна држава во светот не подлегнува на политички наративи и илузорни барања на радикални структури кои не ги почитуваат симболите, институциите и темелните вредности на државата во која живеат, работат и политички опстојуваат“, пишува Кекеновски.

Кекеновски заклучува дека “на ниту една политичка партија, ниту на кој било друг субјект, државата не смее да му дозволи да ги разградува воспоставените институционални критериуми и стандарди во име на политички наративи и партиски калкулации, затоа што кога политиката станува критериум, правдата излегува од системот“.

Зачлени се на нашиот е-билтен