Денеска, 20 мај, светот го одбележува Светскиот ден на пчелата – ден посветен на еден од најважните организми за биодиверзитетот и преживувањето на човештвото. Пчелите опрашуваат над 75% од земјоделските култури, од нив зависи и медот, и јаболкото, и доматот. Но во Македонија, пчеларите сѐ почесто зборуваат за две тивки, но сериозни закани: климатските промени и лажниот мед.
„Пчелите не зборуваат, ама нивното жужкање е порака: Чувајте нè – ние ве храниме“, вели младиот пчелар Митко Севриевски од Скопско, кој од 2020-та својот живот го гради околу пчеларниците. И навистина, нивниот свет е совршено организиран – без шефови, без синдикати, без слободни денови – а сепак, со беспрекорен ред. Едни пчели ја бранат кошницата, други собираат нектар, трети ја ладат внатрешноста со треперење на крилцата.
„Цветовите цветаат порано или предоцна, а пчелите не можат да се прилагодат на секоја промена. Ако врне ненадејно – се враќаат празни. Ако дојде суша – нема нектар. Приносот сѐ повеќе опаѓа“, вели Севриевски.
Климатските промени го нарушуваат ритамот на природата, а со тоа – и на пчелите. Потопли зими, непредвидливи пролетни врнежи и долгите сушни периоди ги оставаат пчелите без доволно храна, а медот – сѐ поретко завршува во тегли.
Но проблемот не завршува тука. Втората закана доаѓа од маркетите. „На полиците гледате мед, ама не знаете што има внатре“, предупредува Митко. Според Европската комисија, речиси половина од медот увезен во ЕУ е фалсификуван – разреден со сируп од пченка или ориз, со ароми и вештачки засладувачи.

„Вистинскиот мед зависи од природата. Мојот, на пример, доаѓа од органска средина, далеку од индустрија и загадување – таму има дива дракја, багрем, чаеви. Секој мед има свој потпис – по вкус, густина и боја“, објаснува Митко.
„Пашата е таа што го одредува медот. Како што вели природата – така пчелите слушаат. А ние само внимаваме да не ѝ пречиме, вели тој.
Пчелите не напаѓаат без причина. Но ако се почувствуваат загрозени – стануваат борци. „Кога ќе го отвориш сандакот, се активира алармот. Некои заедници се поагресивни – и токму тие носат повеќе мед. Не затоа што се повредни, туку затоа што својот труд го штитат подобро.“
„Сè уште сум вљубен во пчелите. Ова не е само работа – ова е начин на живот. Велат дека пчеларите не живеат од медот, туку од љубовта кон пчелите“, вели Митко со насмевка.
Токму затоа, на Светскиот ден на пчелата, потсетникот е јасен: без нив – нема ни храна, ни живот. Во борбата против климатските промени, загадувањето и фалсификатите, пчелите се нашите најмали, но најмоќни сојузници.
Соња Танеска