Кочани на протест: Бараме правда и безбедност по трагедијата во дискотеката


По катастрофалниот пожар во дискотеката во Кочани, во кој загинаа над 59 лица, а повеќе од 100 беа хоспитализирани, граѓаните организираат протест денес во 13 часот во Градскиот парк.

„Ова не е само протест, туку повик за промени! Бараме институции што ќе работат за граѓаните, полиција што ќе нè штити, инспекциски служби што ќе си ја вршат работата и јавни простори што ќе бидат безбедни. Ова е борба за правда, за сите жртви и за сите нас што го живееме овој град. Не можеме да ги вратиме нашите блиски, но можеме да се избориме за систем што ќе обезбеди сигурност, правда и одговорност,“ стои во објавата на Фејсбук страницата „Кочани“.

Граѓаните бараат конкретни промени. Ќе се борат за град без партиски вработувања, за институции кои функционираат, за полиција која е тука за нас, за инспекциски служби кои ќе ги вршат своите обврски, за јавни простори кои ќе бидат безбедни и чисти. Протестот е за правдата, за секој од нас, за секоја жртва која што ја изгубивме и за сите нас кои го живееме овој град секој ден.

Потребно е да се преиспита регуларноста на сите угостителски објекти, особено пицериите кои ги проширија и легализираа своите тераси на нелегален начин. Кафулињата кои ги проширија своите објекти низ цел трговски простор, и колите паркирани по тротоарите, кои ја блокираат пешачката патека, создаваат опасности за нас. Не смееме да ja заборавиме ниту дека не се почитува забраната за фрлање отпад од другите општини на депонијата, каде што со полициска придружба се дозволи да се фрла отпад на истата.

Зачлени се на нашиот е-билтен