Коцевски: За новоприведените од УЈП ќе се води посебен предмет, нема да бидат дел судењето за Кочани што е во тек

Коцевски

Љупчо Коцевски, државниот јавен обвинител изјави дека приведените десетина вработени во Управата за јавни приходи (УЈП) се дел од предистражна постапка поврзана со предметот за Кочани, но ќе се води во кочанското обвинителство, како одделен случај, односно нема да се додаде како кон предметот за Кочани чија судска постапка во тек.

„Ако излезе нешто ново за некое кривично дело, предметот евентуално може да се пренесе во ОЈО ГОКК. Но, од првичните сознанија од кривичната пријава произлегува дека надлежно е ОЈО Кочани“, изјави државниот јавен обвинител, кој кажа дека лицата се товарат за злоупотреба на службената положба и овластување, како и давање и примање мито

Основното јавно обвинителство Кочани поведе постапка против вкупно 11 лица за коруптивни кривични дела поврзани со работата на клубот „Пулс“, соопшти вчера Јавното обвинителство.

Во соопштението се вели дека за тројца од нив донесена е Наредба за спроведување истрага. Станува збор за двајца даночни контролори од Службата за даночна контрола при Регионалниот даночен инспекторат во Регионална дирекција Штип, кои ја искористиле својата службена положба и овластување и пристапот до податоци и информации за ненајавени контроли во правни субјекти – даночни обврзници и со цел да прибават противправна имотна корист и подароци му ги откривале информациите и го предупредувале за контролите одговорното лице во  клубот.

„Тие се осомничени за – Примање поткуп од член 357 од Кривичниот законик, додека одговорното лице – син на реалниот сопственик на клубот „Пулс“ е осомничен за – Давање поткуп од член 358 од Кривичниот законик. За првите двајца обвинителството до надлежниот суд достави предлог за определување мерка притвор, додека за третиот на сила се мерки на претпазливост во првиот предмет поврзан со пожарот во „Пулс“, па се бара проширување на тие мерки со забрана за воспоставување и одржување контакти и со новоосомничените, се вели во соопштението од Обвинителството.

Во него се посочува и дека шестмина осомничени, даночни инспектори и управници од регионалните дирекции на УЈП во Штип и Струмица, им овозможувале на правните субјекти „ММММ кафе“ и „Пулс“ да ги избегнуваат даночните контроли и да работат без соодветна фискализација, со што се осомничени дека сториле – Злоупотреба на службената положба и овластување согласно член 353 од Кривичниот законик.За нив се предложени мерки на претпазливост.

Зачлени се на нашиот е-билтен