Во Македонија, ХПВ вакцината е бесплатна за младите од 12 до 19 години и достапна во диспанзерите за школска возраст. Во европските земји вакцината е достапна до 46 години, а во САД до 50 години. И покрај глобалната потврда за нејзината безбедност, во Македонија опфатот со вакцинација е само 52-54%, вели Др. Соња Ралева, специјалист по општа медицина во ЈЗУ Здравствен дом Скопје
-Најдобро време за вакцинација е од 12 до 15 години, кога имуниот систем е најсилен и создава заштита до 90% против високоризичните соеви. Но, само вакцинацијата не е доволна – редовните гинеколошки прегледи, ХПВ типизацијата и ПАП тестот остануваат клучни за рано откривање и превенција на болеста, додава докторката.
Во Македонија, вакцината најчесто се дава на 12 години, но може да се прима до 19 години бесплатно. Во некои европски земји е достапна до 46 години, а во САД до 50 години како комерцијална вакцина. Важно е да се знае дека и лица кои веќе се сексуално активни можат да се вакцинираат, бидејќи вакцината обезбедува заштита од идни инфекции и компликации. Оваа вакцина е единствената што штити од карцином на гениталниот систем, а нејзината безбедност и ефикасност се потврдени преку бројни научни истражувања, додава др. Ралева.
Таа додава дека од 2024 година, во Македонија се применува деветвалентната Гардасил вакцина, која штити од девет различни серотипови на ХПВ. Покрај високо ризичните, таа вклучува и соеви поврзани со 90% од гениталните брадавици. Претходно се користеше четиривалентната вакцина, која исто така беше ефикасна, но новата формула обезбедува поширока заштита.
Вакцината е препорачана и за момчиња, со што се намалува циркулацијата на вирусот и заштитува и машката и женската популација.
Антивакциналните движења имаат свое влијание, но глобалните податоци, особено од примери како Австралија, покажуваат дека масовната вакцинација доведува до речиси целосно елиминирање на ХПВ-предизвиканите карциноми.
-Светската здравствена организација постави цел до 2030 година да ја елиминира појавата на карцином на грлото на матката, благодарение на масовната вакцинација и кај жените и кај мажите во многу земји. Ова доведе до значително намалување на малигните заболувања во тие држави. Во земјите каде што вакцината се даваше само на девојчињата, мажите останаа изложени на ризик. Инфекцијата кај нив може да доведе до карцином на пенисот, анусот и орофаринксот, со што инциденцата кај оваа популација дури и се зголеми. Редовните гинеколошки прегледи и навремената вакцинација се клучни за превенција. Иако ХПВ 16 и 18 се најризични, постојат околу 20 соеви што носат сериозен здравствен ризик, појаснува др. Ралева.
Во однос на општата вакцинација, иако антиваксерските ставови постојат, тие не преовладуваат. Кај повеќето вакцини, покриеноста е висока, но кај ХПВ вакцината, таа изнесува околу 58%. Најзагрозени се централните градски општини, како Центар и Карпош, каде што опфатот е најнизок, додека во другите општини е значително повисок.
Проверки треба да прават и мажите
Според др. Ралева најновите податоци покажуваат дека инциденцата на карциномите на орофаринксот—вклучувајќи го ракот на усната празнина, коренот на јазикот и крајниците—е зголемена за 224%. За оваа појава, како и за високата зачестеност на овие карциноми, главни виновници се токму ХПВ вирусите.
-Кога веќе имаме толку ефикасна заштита, нема простор за двоумење. Родителите треба да се информираат врз основа на медицината базирана на докази, а не на непотврдени тврдења. Досега во светот се аплицирани 252 милиони дози на ХПВ вакцината, без регистрирани сериозни несакани ефекти што би го загрозиле здравјето на децата. Што се однесува до функционирањето на вакцината, таа не може да предизвика ХПВ инфекција бидејќи не содржи генетски материјал. Наместо тоа, таа користи дел од капсидот на вирусот, кој ја имитира неговата структура и го активира имунолошкиот систем. На тој начин, телото создава антитела кои остануваат во циркулација и веднаш реагираат во случај на контакт со ХПВ, спречувајќи ја неговата долготрајна перзистенција и развој на болест, вели таа.
Од оваа година, вакцината се дава и на машки и на женски деца, е целосно безбедна и покажува висока ефикасност. Родителите одлучуваат за вакцинација на децата до 12 години, но границата е поместена до 19 години, што им овозможува и на младите самостојно да се заштитат.
-Дополнително, кај нас постои проблем со редовните лекарски прегледи, особено кај мажите, кои ретко прават контроли или не знаат каде да се тестираат. Годишните гинеколошки прегледи за жените се клучни, но и мажите треба да бидат свесни за ризиците и да преземат превентивни мерки, порачува др. Ралева.