Кои биле Владимир и Косара за кои говореше црногорскиот претседател Милатовиќ во македонското собрание? Во своето обраќање пред пратениците Јаков Милатовиќ рече:
Приказната за Владимир и Косара трае повеќе од илјада години и сведочи за длабоките историски врски и блискост на нашите народи. Таа приказна не е само дел од минатото, туку и симбол на трајно пријателство што сè уште нè поврзува денес. Заедно градевме историја и имаме заедничка европска иднина пред нас.
Љубовна приказна што ги поврзува Црна Гора, Северна Македонија и Албанија
Приказната за Владимир и Косара е раскажана во „Хрониката на папата Дукљанин“ од 12 век. За време на војната со македонскиот цар Самуил, принцот Владимир од Дукља (околу 970 – 1016) бил заробен и затворен во Преспа.
Легендата вели дека принцезата Косара, ќерката на Самуил, се вљубила во него, дека го молела неговиот татко за неговиот живот, а потоа се венчале откако тој ја добил слободата и Дукља повторно да биде управувана.
Тие живееле недалеку од манастирот Пречиста краинска на падините на Румија, планина помеѓу Бар и Скадарското Езеро во Црна Гора.
Кога цар Самуил бил наследен од Владислав, тој го поканил принцот Владимир во Преспа за Дукља да се заколне на верност кон неговата држава, но штом Владимир пристигнал, бил убиен. Според легендата, тој држел крст кога бил погубен и тој се чува како реликвија во семејството Андровиќ во Велји Микулиќи, село во близина на Бар.
Исто така, се вели дека сопругата на Владимир, Косара, го однела неговото тело во манастирот Пречиста Краина, над Скадарското Езеро, во близина на границата со Албанија, се замонашила и по сопствена желба била погребана покрај принцот кој бил прогласен за светец.
Дел од неговите мошти се чуваат и во Албанија уште од 13 век, каде што Свети Владимир бил прогласен за небесен патрон на Драч, а повеќе од шест века, според хроничарите, настани во негова чест се организираат во црквата Шијон во близина на Елбасан, Албанија, на почетокот на јуни.
Денеска во повеќе земји на Балканот се негува култот кон Владимир, кој подоцна бил канонизиран. Во Македонија и Србија го нарекуваат Свети Јован Владимир, во Црна Гора – Владимир Дукљански, а Албанците го нарекуваат Шен Владимири. Во Хрватака и Бугарија – Иван Владимир.
Во знак на пријателство меѓу двете земји, Македонија и Црна Гора, на 13 април во 2022 година, за време на официјалната посета на Подгорица, поранешниот претседател Стево пендаровски им подари на локалните власти во Бар подарок – плоча со ликовите на Владимир и Косара, концептуален дизајн од македонскиот скулптор Томе Аџиевски, изработена со техниката релјеф во природен камен, мермер од прилепскиот регион.
Поставена е на уредениот плоштад Владимир и Косара во центарот на градот, веднаш до споменикот на кнезот Владимир.