Во близина на Неготино денеска ќе почне изградбата на гасниот интерконектор со Грција кој од македонска страна ќе го гради кумановската компанија „Рапид Билд“ со која во мај беше потпишан договор.
Вкупната инвестиција е околу 60 милиони евра. Македонскиот дел од интерконекторот е во должина од 67 километри и е протега од Гевгелија до Неготино. Од грчка страна интерконекторот е со должина од 123 километри и тој е речиси готов.
Но која е компанијата „Рапид Билд“ и кој е Тони Каранфиловски, нејзиниот сопственик и менаџер?
Иако во бизнис круговите знаат за кој се работи, овој кумановец главно е анонимен за општата македонска јавност.
Сепак, Тони Каранфиловски не е „новајлија“ во бизнисот на изградба на гасна инфраструктура. За прв пат во овој бизнис неговото име се појави уште во 2016 година, кога беше завршена изградбата на делницата од Клечовце-Штип од магистралната гасоводна мрежа.
Една година пред тоа Каранфиловски со своите три компании, Рапид Билд, Квалитет Пром и ФЗЦ „11 Октомври“ го доби тендерот за оваа делница вреден 75 милиони долари, кој, во најголем дел се градеше со пари од рускиот клириншки долг кон Македонија.
Тоа беше времето на Груевски, а за овој „дил“ имаше руски изведувачи, договорени меѓу владите на Македонија и Русија, без никаква тендерска постапка. А, одлука на рускиот изведувач беше кои домашни компании ќе ги ангажира да работат на проектот.
И така му тргна на Каранфиловски.
Во медиумските архиви останува запишано дека, речиси паралелно, кога стартуваше изградбата на делницата Клечовце-Штип, Каранфиловски стана мнозински сопственик на фабриката за цевки „11 Октомври“ од Куманово, која исто така е вклучена во овој проект. ФЗЦ „11 Октомври“ се памети како гигант во индустријата на заварени цевки од поранешна Југославија, која Каранфиловски ја купи за само 2 милиони евра.

Оваа зделка тогаш беше толкувана како најава за сериозен влез на Каранфиловски во бизнисот со изградба на гасоводните делници, сметајќи дека токму оваа фабрика ќе има клучна улога заради производството на цевки потребни за делниците.
Потоа, компаниите на Каранфиловски победија на тендерите за другите две делници, Штип-Неготино и Скопје-Тетово-Гостивар, а ја добија и зделката со делница Неготино-Битола. Овие три делници се градеа со кредит од Дојче банк и Ерсте банк во износ од 90 милиони евра.
Тони Каранфиловски е менаџер и сопственик на неговата матична „хенд мејд“ фирма „Квалитет пром“ и косопственик со братот Дејан во „ДЕТ ОИЛ“, синџирот од бензиски пумпи и компанија за трговија со нафта и нафтени деривати.