Во просториите на Јуроп Хаус во Скопје денеска напладне ќе го означи почетокот на низа панел дискусии за правата на жените кои ќе се одржуваат во текот на целата година – почнувајќи со Меѓународниот ден на жената и завршувајќи со Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените, под заеднички наслов: Кој ја плаќа сметката? – Цената на нееднаквоста.
Во најават за оваа серија настани, се истакнува дека родовиот јаз во платите е една од највидливите форми на економска нееднаквост. Иако жените во Северна Македонија сè почесто се високо образовани и активно учествуваат на пазарот на труд, нивната работа останува помалку вреднувана. Разликата во заработката е резултат на структурни фактори: нерамномерна распределба на грижата за домот и семејството, ограничен пристап до лидерски позиции и поголема застапеност на жените во помалку платени сектори.
Родовата разлика во платите во Северна Македонија изнесува околу 12%, што значи дека жените во просек заработуваат помалку од мажите за ист или сличен труд. Ова не е само статистика – последиците од оваа нееднаквост се чувствуваат во секојдневниот живот на многу жени. Помалата заработка значи помала економска независност, поголем ризик од сиромаштија и пониски пензии. Последиците не се само лични – тие влијаат врз семејствата, заедниците и општеството.
Затоа вистинското прашање не е колку заработуваат жените, туку кој ја плаќа цената на
нееднаквоста? Време е да ја донесеме промената, се вели во најавата за кампањата на Делегацијата на ЕУ во нашата земја.