Денко МАЛЕСКИ*
Преку секојдневна критика на политиката на „свиткана кичма“, кажана во една или друга варијанта, 33 години по независноста, работите како да си дојдоа „на свое место“. Изборната лавина обезбеди огромен број пратенички места, но исто така ѝ ги врза рацете на власта.
Има дефиниција која вели дека надворешната политика на една држава е производ на „колективната гордост, амбициите, стравовите, предрасудите и сликите создадени во свеста на народот“. Додека не ја прочитав, моите размислувања се движеа во рамките на вообичаените дефиниции: дека надворешната политика е стратегија на една влада во односите со други држави; дека водството ја има моќта да го обликува и формира јавното мислење, да го постави тонот на нацијата и да носи одлуки кои ќе влијаат врз иднината на државата; дека дипломатијата треба да создава доверба, да има визија, да спроведува стратегијата; дека претседателот, премиерот и министерот за надворешни работи треба да ја покажат насоката и да инспирираат со визија. Омилено ми беше кажувањето на еден американски претседател кој водството го дефинирал вака: народот мисли едно а јас друго, па мојата задача е да го убедам народот да мисли како што мислам јас.
Ставајќи ги на екранот на компјутерот една до друга, разбирам дека двете сфаќања не се исклучуваат туку дека објаснуваат зошто надворешната политика е толку сложена и тешка дисциплина.
Имено, водството некогаш наложува политичарот и да се судри со „колективната гордост, амбициите, стравовите, предрасудите и сликите создадени во свеста на народот“, а не само да им повладува на масите. Особено, би рекол, на Балканот. На сопствен ризик, се разбира.
Оваа продлабочена дефиниција на надворешната политика ја сретнав во некоја книга во првите години од нашата независност, во услови кога нашиот политички систем сè уште не ги артикулираше вистинските желби на македонскиот народ (на пример, обединета Македонија), а надворешната политика се формулираше во кабинетот на првиот претседател Киро Глигоров (на пример, Македонија во рамките на сегашните граници, запишано во писмото до шефовите на државите во светот со барање за признавање).
Како успеавме да ја занемариме спомнатата дефиниција и да ја игнорираме вистинската волја на македонскиот народ?
Можевме заради убеденоста на креаторите на надворешната политика кои одбиваа да играат на картата на македонскиот национализам дека го прават најдоброто за државата; дека знаат подобро од народот зашто се во позиција да гледаат подалеку. Можевме зашто живеевме во „униполарниот момент“, во „американската ера“ на меѓународната политика и со силна меѓународна поддршка за политиката на мирољубиво самоопределување и спремност на компромиси.
Значи по цена на нашата гордост, би рекле со сегашна терминологија. Согласно поговорката која вели дека и кога те плукаат треба да кажеш дека врне, кога е во интерес на опстанокот на народот и на државата. А тогаш се работеше токму за тоа: за опстанокот на народот и на државата. Тоа траеше од 1991 до 1993.
Но, на прагот на приемот на државата во ОН, Глигоров кому политиката му беше „во коските“ мораше да го смени курсот ако не сакаше да го загуби народот. Целта, меѓународното признавање на државата преку членство во ОН и мирното раздружување од федерацијата беше остварена но, за да го сочувува внатрешното единство, Глигоров мораше да ги земе предвид „колективната гордост, амбициите, стравовите, предрасудите и сликите создадени во свеста на народот“. Прво што мораше да се стори е да ја напушти амбицијата да се најде компромисно решение за името со Грција уште во тие први години на нашата самостојност. Претставници на „тврдата линија“ го убедија претседателот, ако воопшто му требало убедување, дека прашањето треба да се остави за идните генерации.Така, пропуштивме да го направиме последниот обид кон решавање на спорот со името во „униполарниот момент“ кој денес е зад нас. И повторно, по цена на нашата гордост се разбира, која ја проголтавме четврт век подоцна со Преспанскиот договор.
Забележувам низ децениите дека, како што се оддалечуваше опасноста од војна, растеше критиката на попустливата политика која обезбеди мир и ја внесе државата во ОН, а многу подоцна и во НАТО. Но, лека полека, преку секојдневна критика на политиката на „свиткана кичма“, кажана во една или друга варијанта, 33 години по независноста, работите како да си дојдоа „на свое место“. Изборната лавина обезбеди огромен број пратенички места, но исто така ѝ ги врза рацете на власта.
Имено, новата власт има мандат само да им ги каже на Европа и на светот болките на македонскиот народ кој, на последните избори, конечно, се исправи во достоинство. Нема мандат за она што е потребно за да се отвори патот кон европската интеграција: Да се судри со „колективната гордост, амбициите, стравовите, предрасудите и сликите создадени во свеста на македонскиот народ“ во прилог на една модерна европска политика.
Преземено од Либертас.мк
*(Авторот е професор и прв министер за надворешни работи)