Влегувам во ординацијата на докторката на Клиниката за онкологија, за да ми препише терапија. Во ординацијата веќе има пациент, а по мене влегува и трет пациент. Обично има гужва и тие си влегуваат, иако докторите настојуваат да има ред. Секој има различна терапија – некој прима хемо, некој зрачење, некој е на таблетарна терапија. Лекарот зборува пред сите пациенти, околу терапијата, несвесен дека дијагнозата или терапијата ја открива пред други лица-пациенти. Не се внимава на заштитата на медицински податоци. Можеби јас не сакам да знаат сите дека имам карцином на дојка и дека примам Тамоксифен за тоа.
Ова е само еден од низата примери, низ кој се гледа дека здравствените работници можат да ја нарушат приватноста на пациентите со тоа што пред други лица откриваат податоци за нив кои не би требало да ги откријат. Од друга страна, овде е и проблемот со пристапот до сите медицински податоци на сите лекари, што е причина активистите да се залагаат и да бараат тој пристап до податоци да биде ограничен, односно бараат усогласување без оглед на тоа каква е дијагнозата, со цел да се почитува правото на приватност.
„Сите податоци не може да бидат отворени за сите здравствени работници. Еден специјалист мора да има податоци за пациентот за да може да даде здравствена услуга, но информациите кои не му се потребни, треба да не може да ги гледа во самото медицинско досие“, вели за Мета.мк Атанас Аврамов, координатор за застапување и политики во здружението „Заедно посилни“, кое им дава поддршка на лицата што живеат со ХИВ.
Да се усогласат законите за евиденции и за лични податоци
За да се постигне ова, потребно е да се усогласат Законот за евиденциите од областа на здравството со Законот за лични податоци, вели Аврамов, кој појаснува дека подзаконските акти кои произлегуваат од Законот за евиденциите од областа на здравството, треба да се во согласност со новиот Закон за заштита на лични податоци.
„Кога ЕУ ја усвои општата регулатива за заштита на личните податоци, се воспоставија одредени принципи, но се етаблираа во однос на личните податоци, тоа значеше дека здравствените работници треба да имаат пристап до податоците, но тој треба да се однесува на принцип на неопходност. Не мора да значи дека лекарот мора да има пристап до сите податоци кои се во досието.- Зошто на пример офталмологот, да знае дека пациентот кој го прегледува е ХИВ позитивен? Истиот принцип ќе се применува и за други дијагнози, во зависност од контекстот и медицината базирана на докази, како на пример извршен абортус, дијабетес и други дијагнози за кои нема медицинска причина да се знаат. Затоа тој податок треба да биде заштитен. Тоа не е нешто што ние правниците го измислуваме, обработката на лични податоци треба да биде на основа на неопходност“, вели Аврамов.
Тоа е исто, додава тој, како на пример, при влегување во банка, па се бара податок за сексуална ориентација на клиентот.
„Во моментов, нашите подзакоснки акти не препознаваат нивоа на пристап кога станува збор за здравствени работници – радиолози, хирурзи. Управата за електронско здравство има направено одредена селекција, одредени податоци да се достапни само на матичниот лекар, но тоа не е направено согласно некој подзаконски акт. Секој лекар без оглед дали е радиолог матичен, има пристап до сите податоци“, вели Аврамов.
Каква е праксата во други земји?
Подетално регулирање на овие прашања е оставено на самите земји. Во Словенија, детално е регулирано ова прашање, и таму се знае до кои податоци која специјалност може да има пристап.
„Здравствени работници кои рботат во Ургентен центар, имаат пристап до сите податоци и тоа е нормално. Во Естонија, сите права се фокусирани на самиот пациент. Таму, ако пациентот одлучи дека нешто не би сакал да сподели со здравствените работници, тој може да побара да се скрие некој податок. Кај нас тоа не би било пожелно решение, ниту за здравствените работници, ниту за пациентите. Тоа може да го штити лекарот од лекарски грешки, така, на пример, докторот може да каже извинете, но немав пристап до таа информација. А кај нас има лекарски грешки кога сè се знае, а лекарот не проверил“, појаснува Аврамов.
Од праксата со работа со лица што живеат со ХИВ, како што велат во здружението „Заедно посилни“, она што најчесто се случува е пишување „ХИВ позитивен“ на температурна листа на пациентот.
„Здравствените работници најчесто имаат оправдување, дека сестрите треба да знаат кога постапуваат со пациентот. Но, работа со паценти со ХИВ е исто како и со пациенти кои немаат ХИВ. Ракавици, маски и внимателност, се потребни за сите пациенти, независно од дијагнозата. Тоа пишување „ХИВ плус“ на температурна листа, до тој медицински податок има секој кој ќе влезе во просторијата. Често се случува пациентот да не е сам во собата, туку заедно со уште 4-5 пациенти. Се случувало и во помалите места, како на пример, во Охрид или Струмица, одредено лице да одлучи да се тестира, а таа информација да биде проширена низ целото населено место, од самите здравствени работници. Имало ситуации кога пациент во Охрид се тестира утрото, добива резултат дека тестот е позитивен и веќе следниот ден информацијата е споделена со неговите блиски – познаници, пријатели, семејство“, вели Аврамов од „Заедно посилни“.
Според нивни информации, досега никогаш никој не одговарал за споделување на такви информации и оценуваат дека тоа е прашање на свесност и прашање на кое здравствените работници треба да работат.
„Во поликлиниката Букурешт, пациент со ХИВ беше упатен да направен спермограм. Неговата дијагноза не е пречка да се спроведе спермограмот. Специјалистот го видел досието на пациентот и видел дека е со ХИВ, па го прашал пред десетина луѓе дали има ХИВ, на што тој одговорил потврдно, по што лекарот одбил да му направи спермограм. Овде има два проблеми, прво, здравствен работник не знае како се пренесува ХИВ и не знае за својата законска обврска да ја држи информацијата за себе, и второ, има пристап до информација која не му е важна за да направи спермограм“, посочува Аврамов.
Проблемот е препознаен
Претставници на „Заедно посилни“, во врска со заштитата на медицинските податоци на пациентите, биле на состанок со претставници од Лекарската комора, Стоматолошката комора, од Управата за е-здравство, Министерството за здравство и клиниките.
„Проблемот беше препознаен, сите беа согласни дека ова е нешто на што мора да се работи. Во моментов сме во фаза на формирање работна група, а членовите се луѓе од праксата кои можат да кажат кои податоци на пациентите им се важни, а кои не им се важни. Очекуваме групата да биде формирана и да функционира. Измените ќе направат промени за сите пациенти. Поентата ни е темелно и врз медицина базирана на докази да се направи правилник за сите дијагнози“, потенцира Аврамов.
Д-р Божидар Кочоски, претседател на Асоцијација на специјализанти и млади лекари кој работи на Клиниката за хематологија, е на став дека медицинските податоци треба да се ограничат за да нема нивна злоупотреба. А, пак, во однос на невнимателните здравствени работници кои откриваат дијагнози пред други пациенти, проблемот, според него е во тоа што недостасува свесност и едукација.
„Сè е оставено на домашното воспитување на здравствените работници и на нивната свест. Сметам дека тука треба системот да се погрижи за тоа, тој да ги едуцира младите лекари како да се однесуваат и да бидат внимателни и да не откриваат медицински информации на пациентите. Јас се трудам моите студенти да ги едуцирам и внимавам, но, не можам да гарантирам дека некој нема да влета во ординација и да слушне информации за пациентот кој во моментот е веќе внатре. Потребна е континуирана медицинска едукација, кампањи, за да се зголеми свесноста. Немаме едукација, немаме протокол на однесување“, вели Кочоски.
(Продолжува)
Антонија Поповска
Преземено од Мета.мк