Над 40 автошколи во државата се предмет на надзор од страна на Комисијата за заштита на конкуренцијата, откако биле утврдени индиции за можно усогласено однесување при формирањето на цените за обука на кандидати за возачи.
Како што соопшти Комисијата за одлучување по прекршок при Комисијата за заштита на конкуренцијата, во рамки на тековните активности за утврдување евентуални повреди на Законот за заштита на конкуренцијата, бил извршен увид во повеќе автошколи на територијата на земјата.
При контролите, според соопштението, биле забележани индиции кои упатуваат на можност за постоење усогласено однесување, односно картел, при одредувањето на цените за возачка обука. Ваквото постапување би можело да претставува повреда на член 7 став (1) од Законот за заштита на конкуренцијата.
Од Комисијата нагласуваат дека постапката е во тек и дека ќе продолжи интензивното прибирање докази, како и деталното утврдување на сите релевантни факти и околности. Доколку се потврди постоење на забрането договорно дејствување, ќе бидат преземени соодветни мерки во согласност со законските одредби.
Комисијата за заштита на конкуренцијата истакнува дека останува целосно посветена на заштитата на конкурентниот пазар и на интересите на потрошувачите.