Во Кавадарци денеска на 18. Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ се очекува да биде реизбран Христијан Мицкоски за лидер на партијата, кој е и единствен кандидат за функцијата.
Интересно е дека конгресот се одржува во услови кога Владата „гаси политички пожари“. Најновиот е оној со „мигрантските кампови“ кои дојде од Велика Британија, каде што тамошните големи и угледни медиуми објавија дека британскиот премиерт Стармер постигнал договор со македонската влада за градење на бегалски кампови во замена за британскиот кредит.
Ова, како и откривањето на коруштивната „зделка“ 9 милиони евра за тендер за компанија со двајца вработени која постои само една година, што ја отвори СДСМ, Мицкоски ќе мора да ги објасни на конгресот.
Тој ќе мора да го објасни и најлошиот извештај за напредокот на Македонија во евроинтеграциите во последните 15-тина години, како минорниот ефект од економските политики.
„Извршувањето на планираните капитални расходи продолжува да страда од слабо справување со јавните инвестиции. Напорите за формализација на неформалната економија се заглавени“, се посочува Европската комисија во извештајот за Македонија.
За да го избегне сето ова, ВМРО-ДПМНЕ го активираше и бегалецот од правдата Никола Груевски да го сврти вниманието повторно кон вечната фрустрација на партијата Зоран Заев, но и тоа се покажува како „ќор фишек“, наспроти експлозивното откритие од пред десттина дена кога беше откриено дека Владата не го обновила барањето за екстрадиција на Груевски од Унгарија.
Сето тоа фрла сериозна сенка на денешниот конгрес, кој се одржува под мотото „Визија што гради држава – За генерацијата што доаѓа 2030“. Се очекува да присуствуваат 2 600 лица, од кои 850-860 делегати и 1700-1800 гости и да биде донесена „Стратегија Македонија 2030“.
-Генерално, станува збор за документ што ја содржи визијата за тоа како ние, како ВМРО-ДПМНЕ, во моментов владејачка партија, а се надеваме и во периодот кој што го опфаќа овој документ до 2030-тата ќе биде така, ја гледаме Македонија и кои се столбовите на кои што ќе ја темелиме нашата политика и како политичка партија и како најголема политичка партија во рамки на Владата, рече завчера на брифингот со новинарите лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Мицкоски.
Според него, ова ќе биде до сега најмасовен Конгрес, ќа има и обраќања од неколку сестрински партии. Конгресот ќе се одвива според вообичаено сценарио – усвојување на дневниот ред, избор на работно претседателство што ќе претседава со самиот настан, усвојување на Стратегијата Македонија 2030, потоа избор на изборна комисија, предлог или предлози за кандидат(и) за претседател, обраќања на дел од делегатите, а ќе се разгледува и извештајот за материјално – финансиското работење на партијата.
На Конгресот ќе има претставување на кандидатот за претседател, во чии рамки ќе треба да даде визија за следниот период.
Потоа следува самото гласање, по што ќе има извештај на Изборната комисија. Ќе бидат избрани претседател и членови на статутарната комисија кои што ги предлага претседателот, како и на комисијата за надзор на материјално финансиско работење. На крај, на Конгресот е предвидено обраќање на избраниот претседател на партијата.
Мицкоски најави дека доколку биде избран тоа ќе биде негов последен мандат како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи Статутот на партијата предвидува една личност да може да биде реизбрана за претседател најмногу три мандати. – И додека јас сум претседател, за тој услов за максимум број мандати што еден претседател на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги има, немам намера да поддржам каква било иницијатива за промена на тој дел од Статутот, рече актуелниот партиски лидер и премиер Христијан Мицкоски.

