Контраспин: Мицкоски виде политички глодари и лешинари во кочанската трагедија

Фото: Вистиномер
Фото: Вистиномер

Премиерот сака да ја сведе тажната кочанска приказна на политичко мршојадство, демек трагедијата е злоупотребена за политички напади врз него и неговата Влада. Во целата ситуација тој виде глодари, но барањето да се објави комплетната видеоснимка од средбата во Владата, е на родителите на жртвите од дискотеката Пулс. Тие инсистираат јавноста да ги види снимките од средбата со премиерот, бидејќи немаат што да сокријат. Само, прашање е дали и другата страна сака вистината да исплива на виделина, или, можеби сепак, затскривајќи се зад „болката на роднините на настраданите“, некој сака таа да биде посипана со пепел?, пишува „Вистиномер“.

Во продолжение ви го пренесуваме текстот во целост:

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски на новинарско прашање за барањето на родителите на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани – да се објави видеоснимката од средбата што се одржа на 7 јули во Владата, ја даде следната изјава во која се препознава спин:  

Спин: Ве молам болката е преголема, сè уште сите ја чувствувамеве молам таа тема да ја оставиме на политичките глодари и лешинари. Јас сочувствувам со родителите.  Ве молам да ја оставиме таа тема на тие луѓе коишто навистина чувствуваат голема болка, а не на оние кои сакаат ситни политички поени да добиваат од тоа...  

[Извор: Тајм. мкОфицијален ФБ профил на Христијан Мицкоски  (од 7,27 до 8,01 минута од видеото) Датум – 21.07.2025]  

Контраспин: На стартот на реконструкцијата на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово, премиерот Мицкоски прашан дали ќе ја објави снимката од средбата со родителите на починатите во дискотеката Пулс, порача темата Кочани „да ја оставиме на политичките глодари и лешинари“. Потоа, посочувајќи дека сочувствува со болката на родителите замоли „да ја оставиме таа тема на тие луѓе коишто навистина чувствуваат голема болка“, а „не на оние кои сакаат да добиваат ситни политички поени“ . 

Оваа негова изјава во која тој ја спинува вистината е неумесна и прилично проблематична. Таа прозвучува контрадикторно и збунувачки – премиерот од една страна вели темата да им ја оставиме на политичките глодари и лешинари, а од друга страна ни кажува темата да им ја оставиме на луѓето кои навистина чувствуваат голема болка. Така што, неразбирливо е кому мисли Мицкоски да му ја оставиме оваа болна тема – на семејствата на настраданите во кочанската дискотека или на оние кои сакаат да ќарат ситни политички поени? 

Впечаток е дека премиерот сака да ја сведе тажната кочанска приказна на политичко мршојадство, демек трагедијата е злоупотребена за политички напади врз него и неговата Влада. Во целата ситуација тој виде глодари, но барањето да се објави комплетната видеоснимка од средбата во Владата, е на родителите на жртвите од дискотеката Пулс. Тие обвинија дека премиерот побарал да се одреди цена за нивните деца, што може да се види во нивното јавно обраќање преку Фејсбук профилот „Здружение на граѓани 16 март 2025 Кочани“, во кое реагираа дека Мицкоски длабоко ги навредил на состанокот во Владата одржан на 7 јули. 

За еднократна парична помош за секое семејство погодено од трагедијата, за душевна болка и нематеријална штета, преку Фондот за итна поддршка од државниот буџет, добивме одговор кој не само што нè понижи, туку длабоко нè навреди како родители и како луѓе: 

Ова барање е исто како предлогот на СДСМ, само што вие немате ставено цена. Одредете си цена за вашите децареагираа родителите. 

А откако од Владата демантира дека Мицкоски им кажал на роднините на загинатите во кочанската трагедија да си одредат цена за нивните деца, оценувајќи дека се прави злонамерно дефокусирање и злоупотреба на трагичната судбина, од Здружението повторно реагираа и излегоа со тврдење дека целиот разговор бил снимен. 

Во прилог на вистината, Ве потсетуваме дека на 07.07.2025 година (понеделник) во 17:00 часот, во Вашиот кабинет, се одржа официјален состанок помеѓу Вас и мнозинството од родителите на трагично загинатите деца. На истиот состанок целокупниот разговор беше целосно снимен од Ваша страна. 

Доколку навистина стоите зад своите зборови и верувате во транспарентноста и чесноста, Ве повикуваме слободно да ја објавите целосната видеоснимка од тој состанок, за јавноста самата да се увери во вистината, стои во соопштението на Здружението. 

Значи, не политички глодари и лешинари, како што вели Мицкоски без конкретно да посочи кои се тие, иако е јасно дека мисли на опозицијата, туку родителите на настраданите инсистираат јавноста да ги види снимките од средбата со премиерот, бидејќи немаат што да сокријат.  

Само, прашање е дали и другата страна сака вистината да исплива на виделина, или можеби сепак, затскривајќи се зад „болката на роднините на настраданите“, некој сака таа да биде посипана со пепел?

Зачлени се на нашиот е-билтен