Од сега, лица кои се членови на управни или надзорни одбори во енергетски компании ќе можат без временска пауза да бидат назначени за членови на Регулаторната комисија за енергетика. Оваа новина произлегува од амандман на новиот Закон за енергетика, кој вчера беше усвоен во Собранието.
Промената предизвика реакции во јавноста и меѓу експертите. Дел од нив предупредуваат дека ова може да отвори простор за влијание од приватни интереси врз одлуките на регулаторното тело – особено во делот на издавање лиценци, дозволи и утврдување планови во енергетскиот сектор.
„Со оваа измена се ослабува независноста на Регулаторната комисија и се овозможува лица со директни интереси во секторот да бидат дел од телото што треба да ги регулира тие интереси. Тоа е спротивно на логиката на спречување судир на интереси“, изјави за Телма Миша Поповиќ од Институтот за демократија. Таа потсети дека Законот за спречување на корупција предвидува токму спротивно: оние кои биле дел од регулаторни тела треба да поминат период од најмалку две години пред да можат да се вработат во компании што биле предмет на нивна регулација.
Сепак, предлагачот на амандманот, пратеникот Бојан Стојаноски, тврди дека промената ќе овозможи поголем пристап до квалитетни и стручни кадри со реално искуство во секторот. Според него, моделот е во согласност со директиви на Европската Унија и е применет и во други земји.
До сега, Законот предвидуваше ограничување: лице не можеше да биде именувано за член на Регулаторната комисија ако во претходните две години било дел од управен или надзорен одбор на енергетска компанија. Комисијата има вкупно седум члена, вклучувајќи го и претседателот.
Што носи новиот Закон?
Собранието денеска попладне го усвои новиот Закон за енергетика, со кој се врши значајно усогласување на македонското законодавство со европската регулатива во областа на енергетиката. Законот доби поддршка од 62 пратеници и се смета за едно од клучните законски решенија во рамките на евроинтегративниот процес.
Една од главните цели на законот е создавање либерален, транспарентен и конкурентен пазар за електрична енергија. Според надлежните, ова ќе донесе поголем избор и подобар квалитет на услуги за граѓаните, како и пофер и пониски цени благодарение на засилената конкуренција. Законското решение е подготвено од Министерството за енергетика, без ангажман на странски консултанти.
Министерката за енергетика Сања Божиновска изјави дека законот требало да биде донесен уште во 2023 година, согласно обврските кон Енергетската заедница. Таа посочи дека станува збор за обемен документ со 317 члена, кој првпат регулира низа нови области.
„Првпат се регулира складирањето електрична енергија преку батерии, се воведуваат граѓански енергетски заедници, како и методологија за мерење енергетска сиромаштија. Со законот, МЕПСО ќе премине под надлежност на Министерството за енергетика, што е логичен и очекуван чекор. Има уредби и за нафтата и за гасот – навистина обемен и важен закон“, истакна Божиновска.
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, оцени дека со овој закон Северна Македонија се доближува до стандардите на земјите-членки на Европската унија.
„Сите европски директиви се имплементирани во ова законско решение, што значи дека регулативно сме како земја-членка на ЕУ“, рече Бислимоски.
И Божиновска и Бислимоски се согласуваат дека најголем предизвик сега ќе биде навремена подготовка и усвојување на подзаконските акти и регулативи, неопходни за ефективна примена на законот во пракса.