Масовните демонстрации против корупцијата предводени од студентите во Србија се проширија и во соседните балкански земји, откако десетици животи згаснаа во низа смртоносни трагедии поради кои илјадници луѓе излегоа да протестираат под слоганот „Корупцијата убива.“
Падот на покривот на една железничка станица во Србија, трагичниот пожар во дискотека во Северна Македонија, политичките превирања во Босна и Херцеговина, но и во Бугарија – се кризите што го зафатија балканскиот регион на Европа.
Преку демонстрациите, младите го изразија својот гнев кон овој регион на Европа за кој групите за човекови права велат дека страда од ендемска корупција, која само во Србија натера стотици илјади луѓе да излезат на улица повикувајќи на промени.
Според најновиот глобален индекс на перцепција на корупцијата, Србија се најде на 105. место од 180 земји – на најлошата позиција во последниве десет и нешто години. Северна Македонија е во само малку подобра положба, на 88. место, а земјата членка на ЕУ Бугарија е на 76. место.
Регионот веќе долго време се бори со корупција, слабо владеење на правото и политичка нестабилност, а сево ова на некои земји им го попречи патот кон членство во ЕУ, за коешто мерките против подмитување се клучен приоритет.
Северна Македонија стана земја кандидатка за членство во ЕУ во 2005, а Србија во 2010. Меѓутоа, напредокот на Србија стагнира во последниве години, а главната пречка се напнатите односи со Косово. Бугарија, пак, се зачлени во ЕУ во 2007.
Еве што е важно да знаете.
Србија: Се урива настрешница на железничка станица
Бранот демонстрации од размери невидени во Србија по 1990-тите почна откако на 1 ноември, една неодамна реновирана настрешница на железничка станица во северниот град Нови Сад се урна. Како последица на уривањето загинаа 16 лица.
На транспаренти, значки и ѕидови низ цела Србија се појавија крвавоцрвени раце, кои станаа симбол на демонстрациите. Бројни критичари ја обвинија корупцијата за смртоносната трагедија, како и несоодветниот надзор на градежниците, особено поради тоа што железничката станица беше реновирана непосредно пред да се случи несреќата.
На последниот масовен собир на 15 март во Белград учествуваа, според проценките, од 100.000 до 300.000 луѓе, што го прави најголемиот протест во српската историја. Меѓутоа, главно мирните демонстрации беа прекинати кога еден непознат звук предизвика кратка паника. Некои демонстранти и членови на политичката опозиција тврдат дека властите користеле акустичен топ – воено средство за растерување толпи – но ова обвинение владата го отфрли.
Српскиот претседател Александар Вучиќ, по работната вечера во Брисел со претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во вторникот, за медиумите изјави дека ги информирал претставниците на ЕУ дека немало звучен топ и дека Србија била подготвена да го докаже ова тврдење.
Изјавата на еврокомесарката за проширување, Марта Кос, која ја опиша минатонеделната средба со Вучиќ како конструктивна, предизвика јавна осуда од неколку граѓански организации, кои ја обвинија ЕУ за лицемерие. Во интервјуто за словенечките медиуми во четвртокот, таа ги отфрли критиките, велејќи дека моментално во Србија нема со кого друг да се разговара за да се обезбеди земјата да остане на патот кон членство во ЕУ.
Демонстрациите долги со месеци се покажаа како најголемиот проблем за 12-годишното владеење на Вучиќ. Тие веќе доведоа до оставка на неколку високи функционери, меѓу кои и премиерот Милош Вучевиќ. Обвинети во врска со трагедијата се повеќе од десет лица, меѓу кои и поранешниот министер за транспорт Горан Весиќ, кој неколку дена по инцидентот поднесе оставка.
И земјите во соседството изразија поддршка за демонстрациите во Белград. Се одржа протест и во словенечкиот главен град Љубљана. Словенија сѐ уште чека објаснување од српските власти зошто не ѝ дозволиле на новинарската екипа на словенечкиот телевизиски канал ПОП ТВ да влезе во Србија во пресрет на демонстрациите на 15 март.
Северна Македонија: Смртоносен пожар во дискотека
Симболот на српските демонстрации – крвавоцрвениот отпечаток од рака – се појави и на протестите во соседна Северна Македонија, откако во пожарот на 16 март во една дискотека во Кочани, којашто работела со сомнителна дозвола, загинаа 59, а беа повредени речиси 200 луѓе.
Кочани е град со само 30.000 жители, така што смртта на 59 лица – повеќето тинејџери и млади полнолетници – ги потресе речиси сите семејства. Инцидентот беше најтешката загуба на човечки животи во оваа балканска земја од 1993, кога се случија две смртоносни авионски несреќи.
Пожарот беше поврзан со пиротехничките ефекти на бината внатре, кои пламнале и предизвикале стампедо кон излезот. Обвинителството соопшти дека дискотеката прекршила низа прописи за заштита од пожар, немајќи доволно противпожарни апарати ниту излези за евакуација, меѓу другото.
Триесет и четири лица, меѓу кои и високи функционери, се сомничат за прекршување на безбедносните прописи. Основниот суд Кочани во неделата им одреди 30-дневен притвор на 24 осомничени. Меѓу приведените се и последните тројца кочански градоначалници, од кои последниот поднесе оставка еден ден по трагичниот настан.
Најголемиот јавен протест по инцидентот се одржа на 24 март, со илјадници демонстранти на улиците на главниот град Скопје излезени под слоганот „Системот е следен“.
- Ова не е борба меѓу вас и нас, ова не е борба меѓу партии, ова е борба меѓу чесните и корумпираните. Сакаме системски промени, суштински, а не козметички и додека тие ги полнат џебовите, ние ќе ги полниме улиците и ќе продолжиме да ги полниме се додека не видиме вистинска промена, порака на граѓанското движење „Кој е следен?“.
Во знак на солидарност, бугарските демонстранти против корупцијата минатата недела оддадоа неколку минути молк во спомен на инцидентот во Кочани.
И во соседна Грција се одржаа протести за пожарот во Кочани. Во текот на викендот, десетици луѓе на централниот плоштад во северниот грчки град Солун оддадоа цел час молк.
Во Романија, сличен пожар се случи во 2015 во дискотеката Колектив во Букурешт. Со 64 загинати и 163 повредени, беше една од најголемите трагедии во Романија во последните 50 години. По масовните протести под слоганот „Корупцијата убива“, тогашниот премиер Виктор Понта поднесе оставка.
Бугарија: Олигарси и злоставувачи на животни
Демонстрантите во Бугарија излегоа на улица од различни причини. Убедливо најголемите протести беа за поддршка на владеењето на правото и против суровоста врз животните – но и медиумите и здравствените работници демонстрираа за повисоки плати и подобри работни услови.
Владеење на правото: На 19 март, граѓаните се собраа пред Судската палата во Софија на протест за поддршка на владеењето на правото, под слоганот „Надвор Пеевски од власта“. Дељан Пеевски е моќен олигарх во Бугарија и лидер на партијата МРФ-Нов почеток. Иако не е дел од владината коалиција, нашироко се смета дека има големо влијание врз нејзините одлуки. Демонстрантите рекоа дека Бугарите не гласале за Пеевски да владее со земјата.
САД, според Глобалниот закон „Магницки“, во 2021 го означија Пеевски како олигарх што редовно се впушта во тргување со влијание и корупција за да ги протурка своите интереси.
Суровост кон животните: Протести против суровоста и насилството врз животните се одржаа на 23 март во неколку поголеми градови. Поттикнати беа од случајот на две лица обвинети за снимање видеа со злоставување животни во замена за пари. Демонстрантите бараа строги казни за суровост кон животните, вистинско спроведување на казните и затворање на онлајн платформите што дистрибуираат содржини со суровост кон животните.
БиХ: Катастрофални поплави и Додик на слобода
Во октомври 2024, Босна и Херцеговина ја погодија обилни дождови што предизвикаа поплави и свлечишта што затрупаа куќи и луѓе. Трагедијата повлече прашања во врска со корупцијата и институционалната неодговорност во БиХ и укажа на потребата од транспарентност и ефикасност во управувањето со природните ресурси и заштитата на граѓаните.
Во исто време, политичката нестабилност во БиХ уште повеќе се продлабочува поради правните и политичките кризи во земјата. Блокираното усвојување клучни реформски закони, конфликтите меѓу политичките лидери и немањето соработка на државно ниво сериозно го попречуваат функционирањето на институциите и европскиот пат на земјата. Ова особено се однесува на претседателот на Република Српска, Милорад Додик, кој со години се заканува со одвојување на српскиот ентитет од БиХ и тврди дека земјата нема иднина.
Денешната организација на БиХ е утврдена со Дејтонскиот мировен договор од 1995. Составен дел на мировниот договор е уставот врз основа на кој функционира БиХ.
Според тој устав, БиХ е поделена на два ентитета: Република Српска, која сочинува 49 отсто од територијата и има мнозинско српско население, и Федерацијата на Босна и Херцеговина, која порано се нарекуваше бошњачко-хрватска федерација бидејќи нејзиното население е главно составено од Бошњаци (босански муслимани) и Хрвати.
Судот на БиХ во февруари го осуди Додик на една година затвор и шестгодишна забрана за политичка активност поради непочитување на одлуките на високиот претставник Кристијан Шмит, кој го надгледува спроведувањето на Дејтонскиот мировен договор. Обвинителите издадоа налог за апсење на Додик, откако тој не се одѕва на поканите за распит под обвинение дека го поткопува уставниот поредок.
Меѓутоа, Додик неодамна ја напушти БиХ за да присуствува на настани во Србија и Израел. Ова потегна истрага како ја преминал границата и покрај распишаната потерница. Случувањава дополнително ги влошуваат тензиите во БиХ, а меѓународната заедница предупредува на сериозни последици по регионалната стабилност.
Во меѓувреме, и политичките блокади во институциите на БиХ ја загрозуваат нејзината иднина во ЕУ. Народното собрание на Република Српска донесе одлука со која се бара да се оневозможи работата на државните институции, во што спаѓа и усвојувањето на реформските закони неопходни за евроинтеграција.