Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Кос: Ништо помалку, ништо повеќе, уставните измени се клучни за Северна Македонија

Новата еврокомесарка за проширување, Марта Кос, истакна дека од Северна Македонија се очекува да ги спроведе уставните измени, оценувајќи дека тоа е клучен чекор за напредок кон Европската Унија. „Ништо помалку, ништо повеќе. Верувам дека ова е возможно, а потоа ќе следи вистинско забрзување на процесот,“ изјави Кос.

На прашањето дали може да се гарантира дека нема да има нови блокади по уставните измени, Кос посочи дека тоа не е прашање на кое таа може да даде конкретен одговор.


Кос подвлече дека за надминување на спорот со Бугарија е потребен отворен дијалог. „Треба да се разговара што е можно повеќе, и со македонската и со бугарската страна. Решението е во наши раце, и со заеднички напори можеме да го надминеме овој билатерален проблем,“ нагласи таа.

Без решавање на ова прашање, Кос предупреди дека нема да биде можно да се постигне најдоброто ниту за Северна Македонија, ниту за Европската Унија.

Променета динамика на проширувањето
Еврокомесарката потенцира дека геополитичката ситуација значително се променила, што влијаело и на пристапниот процес. „Динамиката на проширувањето денес е сосема различна од пред пет години. Имаме реални шанси во следните неколку години да ги доведеме неколку држави до крајот на процесот за нивен влез во ЕУ,“ рече Кос.


На прашањето дали Западен Балкан може да стане дел од ЕУ до 2030 година, Кос изрази умерен оптимизам. „Моето назначување го гледам како позитивен сигнал за регионот. Ќе работам тесно со државите кои се подготвени за влез, планирам да ги посетам сите и да работиме заедно за нивната интеграција во Унијата,“ истакна таа.

Кос заклучи дека секоја држава која ќе ги исполни критериумите ќе биде дел од Европската Унија, но процесот зависи исклучиво од нејзината посветеност и исполнување на обврските.

Од Стразбур Соња Танеска

Зачлени се на нашиот е-билтен