Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, преку објава на својот официјален профил на Фејсбук објави дека нема да се кандидира на претстојните локални избори, и покрај, како што вели, убедливо водство на сите анкети. Во објавата, тој жестоко го критикува раководството на СДСМ и најавува создавање нова визија за партијата.
„Не, јас не одам како кандидат. Јас се повлекувам во тишина, за да создадам нова визија за СДСМ – партија со авторитет, со план, со луѓе кои разбираат стратегија,“ напиша Костадинов.
Тој вели дека доволна била една реченица – навестувањето за можно независно кандидирање – за „да се види вистинското лице на луѓето“ и вистинската состојба во партијата. Според него, реакциите од партиските структури пристигнале за помалку од 24 часа, што тој го гледа како индикатор за страв и неискреност.
„Со такво раководство, многу е и една општина да се победи“, порачува Костадинов, коментирајќи ги обидите, како што вели, за манипулација со јавноста преку анкети на Фејсбук и внатрепартиски игри.
Во истата објава, Костадинов нагласува дека останува член на СДСМ, но со замрзнат статус, сè до завршување на изборите. Најавува и двофазна стратегија – првата ќе биде презентирана во септември, а втората по завршувањето на изборите.
„На првиот тест – паднавте. Во октомври – играјте повнимателно. Народот не е повеќе глупав. Политиката е игра на мудрите,“ завршува Костадинов, со јасна критика и предупредување до раководството на СДСМ.