Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Костадиновска-Стојчевска: Платите во културата се повисоки за 43 отсто, за две години вложивме повеќе од 900 милиони денари за реконструкција на објекти

„Раст на платите во културата немаше повеќе од 20 години. 20 години не беше обрнато внимание на тоа и кога зборуваме за влоговите во културата, тоа е еден од најголемите. Потпишувањето на колективниот договор во 2019 година овозможи раст на платите во култура за повеќе од 43 отсто и гарантира постојан раст, односно усогласување со растот на минималната плата на годишно ниво“, рече министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска на конференцијата „Година на европски можности“.

Таа додаде дека благодарение на колективниот договор, Министерството се посвети и на згоемување на платите на директорите на културните установи, бидејќи секој директор ја носи одговорноста и треба да биде соодветно вреднуван.

„Во овие две години во културата се вложени повеќе од 900 милиони денари за реконструкција на постоечките објекти кои се под Министерството за култура и продолжуваме да инвестираме во изградба на нови објекти. Продолжуваме во Тетово со театарот-библиотека, продолжуваме со изградбата на Турски театар. Крајот на минатата година го потпишавме договорот за новите простории на Џез оркестарот“, истакна Костадиновска-Стојчевска.

Министерката кажа дека заврши и целата процедура за училиштето во Љубојно што прераснува во Центар за промоција на македонски јазик, со што се негуваат нашите вредности, култура, историја и јазик.

„32,8 милиони денари се обезбедени за целосна реконструкција на училиштето во Љубојно, што треба да заврши за две години“, посочи Костадиновска-Стојчевска.

Министерката за култура нагласи дека минатата година се инвестирани 40 милиони денари во општините за развој на културата, а за оваа година тој буџет е 50 милиони.

„Капиталните дотаци до единиците на локална самоуправа се ставка која ја актуелизиравме минатата година. Од кога постои Министерството за култура таа не изнесувала повеќе од еден милион денари. Минатата година инвестиравме 40 милиони денари во општини каде градоначалниците покажаа дека имаат свест и треба да инвестираат во културата“, истакна министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска на конференцијата „Година на европски можности“.

Таа додаде дека се реализирале инвестиции во Кратово, Крушево, Валандово, Кривогаштани и Делчево, општини каде што никогаш претходно не се реализирале вакви капитални дотации.

„За 2024 година таа ставка е 50 милиони денари и целта е секоја наредна година да изнесува што е можно повеќе, бидејќи секој има право да посети театар, да слуша концерт, секој има право да биде изложен на култура и да секој има право да ужива во убавините што културата ги пружа“, рече Костадиновска-Стојчевска.

Министерката додаде дека со ваквите дотации се покажува дека културата треба да биде присутна во секој град, а не само во Скопје.

Костадиновска-Стојчевска зборуваше и за зачувувањето на статусот на УНЕСКО на Охридскиот регион.

„Се додека сум министерка за култура, заедно со директорот на Управата за заштита на културното наследство, ќе продолжиме во насока за да го задржиме статусот на Охридскиот регион и да ги унапредиме добрата шт оги имаме и да имаме што е можно повеќе добра впишани во листата на УНЕСКО“, потенцираше министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска на конференцијата „Година на европски можности“.

Таа додаде дека потребно е усогласување на централанта власт и локалните самоуправи за интересите и да не се менуваат статусите на одредени објекти на ниво на општина, само ради лични интереси, кои не се во интерес на општината и државата.

„Соработката со локланата власт е секогаш предизвик затоа што додека ние реагиравме како комисија на неколку одлуки на двете најзасегнати општини – Охрид и Струга, тие некако како да останаа глуви на нашите барања да не носат одлуки на ниво на совет кои се штетни и се косат со начелата на УНЕСКО“, укажа Костадиновска-Стојчевска.

Министерката додаде дека нема несреќни изјави, како што рече градоначалникот на Охрид, туку има градоначалници кои не се грижат за доброто на својата општина.

„Владата и јас како министерка и претседавач на Националната комисија за УНЕСКО, не можам да ја завршам целата работа сама. За тоа треба соработка и разбирање“, рече министерката за култура Костадиновска-Стојчевска на годишната конференција за отчет на Владата „Година на европски можности“.

Зачлени се на нашиот е-билтен