Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска вечерва се обрати на 15-то по ред издание на Фестивалот на музика од светот, кој годинава се одржува под мотото „Една сцена, звук на светот“. Таа од организаторите на фестивалот беше најавена не само како личност која е најсилно врзана со културниот развој во нашата земја, туку и како визионер кој верува во моќта на уметноста и на културата дека можат да ги трансформираат општествата.
Костадиновска-Стојчевска во својот говор кажа дека е горда што Битола преку овој фестивал и придружната програма покажува подготвеност на високо ниво да се вклучи во европските процеси на поддршка на младите локални автори, и да ги поврзе националната со независната сцена.
„Интегрирани, отворени кон светот, го честитам овој јубилеј, и се гордеам што Битола гради култура на европски центар, отворен за светските имиња. Впрочем, каде ако не во земја, во држава чиј културен идентитетски столб е музиката“, потенцираше министерката за култура Костадиновска-Стојчевска.
Таа изрази задоволство што по 15-ти пат преку фестивалот „Музика на светот“ Битола покажува дека е дел од глобалните процеси за обединување на светот, преку музиката и културата.
„Во денешно време, музиката се шири веднаш штом ќе се појави на некоја од дигиталните платформи, и така таа станува заедничка, во истиот момент, за милиони луѓе од целиот свет“, истакна министерката додавајќи дека „луѓето полесно се разбираат, се запознаваат со различностите на културите, се обединуваат, ги збогатуваат своите емоции“.
Според министерката Костадиновска-Стојчевска мисијата на музиката е благородна и низ целиот 20-ти век таа врши огромно влијание за надминување на границите и конфликтите, отвора дијалог, предупредува и соопштува, а од друга страна пак како што кажа таа „широкиот поглед на уметниците кои ги прекршуваат стиловите и стереотипите, му посочува на човештвото дека секогаш има нови решенија за ширење на хумани идеи“.
„Тоа е причина плус уште повеќе да го цениме и вреднуваме вашиот труд и придонес за обединување. Затоа ќе продолжиме да ја поддржуваме вашата мисија и визија со која светот станува подобро место за живее и кој ветува подобро утре“, заклучи министерката за култура.
Фестивалот ја става Битола на познатата светска листа на градови кои го слават жанрот „world music“ и е поддржан од Министерството за култура.
Она што е карактеристично за годинешното издание на фестивалот, кој се одржува од 23-ти до 25-ти ноември, е настапот на Лајбах, кој ќе одржат целовечерен концерт во големата сала на Центарот за култура.