Потпретседателката на СДСМ, Кристина Костова, остро ја критикуваше локалната власт во Штип и градоначалникот Иван Јорданов поради, како што вели, хроничните и секојдневни проблеми со водоснабдување во градот. Во објава на социјалните мрежи, Костова посочи дека Штип веќе подолго време се соочува со прекини во снабдувањето со вода, а притисокот е низок дури и во доцните ноќни часови.
„Јули е. Ние штипјани секојдневно се соочуваме со прекини во водоснабдувањето, а притисокот на водата е низок дури и длабоко во ноќта,“ вели Костова, додавајќи дека институциите молчат и не ги информираат граѓаните.
„Ако пред некоја година, Јорданов и ДПМНЕ се оправдуваа со некакви си реконструкции или дефекти, сега само ‘мудро’ си молчат. Ниту известуваат дека ќе има прекин во водоснабдување, ниту објаснуваат зошто прекини се случуваат секојдневно, ниту кажуваат зошто притисокот е низок, ниту објаснуваат зошто штипјани се ставени во безбедносен ризик (како во вчерашниот случај),“ посочува таа.
Според неа, јавните институции не ја исполнуваат својата обврска да бидат сервис за граѓаните, туку се користат исклучиво за промоција.
„Ако отидете на страничките на ЈП ‘Исар’ и Општина Штип ќе помислите дека цветаат рози, иако во реалноста се соочуваме со суша. Ама, коментарите се исклучени, а и објави има само за промоција и пропаганда, не и за известување и сервис за граѓаните, ко што им е должност и обврска!“
Костова предупредува дека проблемот со водоснабдувањето бил предвидлив, особено со оглед на климатската криза, но дека општинската власт не ја искористила шансата за одржливо решение.
„Поради глобалната климатска криза се очекувани намалени резерви вода, особено во летните месеци, насекаде низ светот, па така и во Штип. Но, Штип има[ше] уникатна можност во наредните 50 до 100 години да ја преброди таа криза…“
Таа потсетува дека Штип располагал со паралелни извори за снабдување – новиот преку ХС „Злетовица“ и постоечкиот преку мрежата на бунари. Меѓутоа, според неа, тие капацитети биле уништени од актуелната власт.
„Од бунарската мрежа уште во првата година од владеењето на Јорданов ‘магично’ ги снема скапите електрични пумпи, инаку инвестиција која штипјани ја правеле со децении. А, сега десетина бунари се закопуваат и уништуваат, за Јорданов да намачка очи со козметичко ‘зеленило’ во парк што чини речиси 2 милиони евра.“
Костова вели дека цената на расипништвото ќе ја плаќаат граѓаните.
„Раскалашеноста и расипништвото на Јорданов и ДПМНЕ ги чинат штипјани многу повеќе од 2 милиони евра фрлени за блед супститут на целото зеленило кое го уништија во градот. Штипјани ќе плаќаат и со суви чешми, а во иднина и со нови инвестиции за она старото што Јорданов и ДПМНЕ им го закопаа.“
Таа апелира дека граѓаните се оставени сами, жедни и небезбедни, а институциите игнорираат реални проблеми кои не се вклопуваат во „розовата слика“ што, како што вели, ја гради градоначалникот.
Пожар во центарот на Штип, жена повредена – соседите немоќни поради прекин во водоснабдувањето
Во близина на штипската населба Горно Маало, во самиот центар на градот, вчера избувнал пожар во семејна куќа, при што жена се здобила со изгореници на рацете додека се обидувала да го изгасне огнот. Според првичните информации, пожарот избувнал од шпоретот во еден од домашните простории.
Соседите реагирале веднаш, но биле спречени да интервенираат затоа што во моментот целата населба била без вода поради прекин во градското водоснабдување. Некои граѓани се обиделе да донесат вода со канти, додека други се фокусирале на извлекување на повредената жена, која во обидот да се справи со пламенот паднала во собата.
Противпожарната единица пристигнала брзо на местото на настанот, но поради тесните сокаци во маалото, не можела директно да пристапи до куќата. Сепак, заедно со жителите успеале да ја извлечат жената и да го локализираат пожарот.
Жената е пренесена во болница со полесни изгореници, а локалните жители повторно апелираат до надлежните за решавање на проблемите со водоснабдувањето, кои, како што велат, можат да имаат трагични последици.