Од СДСМ денеска повторно излегоа со нови, како што велат, пропусти на надлежните институции кои можеби довеле да се случи трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“, во која трагично го загубија животот 59 млади лица и близу 200 се повредени.
Организациониот секретар на СДСМ, Мартин Костовски, повикувајќи се на официјални документи, изјави дека дискотеката „Пулс“ работела нелегално, а УЈП не постапила согасно законите. Костовски рече дека докумените покажуваат дека дискотеката сѐ уште е со блокирана сметка.
„Според податоците објавени во Бизнис мрежа, фирмата „ММММ Кафе“, сопственик на дискотеката „Пулс“, работела со блокирана сметка дури 217 дена. Последната блокада, која сѐ уште не е тргната, била заведена на 16 август 2024 година.И тука се поставува суштинското прашање, дали Управата за јавни приходи требала да го затвори клубот уште во септември 2024 година?“ изјави Костовски.
На прес-конфренцијата Костовски се повика на член на 117 од Законот за стечај, според кој доколку некоја фирма има блокирана сметка повеќе од 45 дена и не исплаќа плати и придонеси, УЈП има законска обврска да поднесе барање за отворање стечајна постапка и да предложи мерки за обезбедување на имотот.
„Ова е обврска, не препорака. Ако последната блокада била заведена на 16 август, тоа значи дека веќе до крајот на септември Управата требала да постапи, а клубот „Пулс“ требал да биде затворен.Но, клубот продолжил да работи. И 59 животи беа загубени“, рече Костовски.
Од опозициската СДСМ повикуваат на неселективна и трансперентна истрага за трагедијата во Кочани, за правдата да биде задоволена и еднаква за сите. Вчера од СДСМ посочија дека досегашниот тек на истрагата е селективна и е насочена само кон поранешни функционери и службеници. Така од партијата прашаа зошто досега во истрагата се опфатени само двајца поранешни директори на ДПИ поради наводно непостапување, а актуелниот директор на ДПИ, Влатко Стојкоски не е опфатен со истрагата.