„Пред 32 години, во 1991-та година, со мнозинска определба од над 95 проценти од граѓаните, остварен е аманетот за сопствена, независна македонска држава на генерациите зад нас – глас што одекнува од Илинден 1903 и АСНОМ 1944 година. 32 години подоцна, пред нас е гласот на граѓаните, во мнозинска определба од 80 проценти, за живот во Европа, но во родната, македонска татковина“ рече премиерот Димитар Ковачевски на свечената академија во чест на 8 Септември во Филхармонија.
Тој додаде дека денешните генерации имаат обврска да одговорат на повикот на денешниот 8 Септември кој од нас бара континуитет на вековно поставената идеја за прогрес и напредок.
„Оваа е шанса која доаѓа во време кога Република Северна Македонија е меѓународно етаблирана држава, со осигурани граници, со признаен македонски јазик и идентитет, земја пример за успешна мултиетничка демократија којашто придонесува во регионалниот и европскиот мир, како слободна и суверена држава, членка на НАТО и на патот кон Европската Унија“ рече Ковачевски.
Премиерот додаде дека живееме во време кога во САД, септември е прогласен за месец на македонската култура, во време кога се одбележуваат денови на македонската култура во Шибеник – Хрватска, каде се слават културата и ументноста раноправно со нашите партнери од ЕУ.
Светот зборува за македонска држава, македонски народ и македонски јазик, кочници на перспективите си ставаме самите
„Денес Европа и светот зборуваат за македонска држава, македонски народ и македонски јазик. Денес нашата родна земја, Република Северна Македонија е меѓународно признаена држава, чии граници се исцртани на светската географска карта. И ова е, и мора да биде нашиот мотор. Денес кочниците се само во нашите раце“ рече премиерот Димитар Ковачевски на свечената академија во чест на 8 Септември во Филхармонија.
Тој додаде дека Северна Македонија е и територијални и идентитетски и меѓународно признаена држва преку науката, уметноста, книжевноста, но и како политичка реалност.
„И штом е така, од кои причини би ставале кочници на сопствените перспективи? Јасно е дека причините за вакви обиди се поврзани со туѓи интереси за геостратешки позиционирања, различни од македонската евроатлантска стратешка цел. Поврзани се и со популизам за политички предизборни и лични, материјални цели“ рече Ковачевски.
Премиерот додаде дека не треба да оставаме простор никому да нè идентификува и да нè става во свој историски контекст бидејки имаме своја историја и свој јазик, потврдени на научно, меѓународно ниво.
„Да продолжиме да се себепотврдуваме во меѓународното семејство на народи и држави, седнати рамноправни на масата во демократските сојузи. Затоа што само така, нашите аргументи, познати на светската наука, ќе бидат познати и за светската политика“ рече Ковачевски на свечената академија во чест на 8 Септември – Денот на независноста на Република Северна Македонија.
Искусивме што значат меѓународна изолација и недемократска власт, мора да
создаваме сојузници намесот непријатели
„Ако нешто научивме во овие 32 години, тоа е дека македонската стабилност е директно
поврзана со интеграцијата во демократските системи, НАТО и Европската Унија, како и со
внатрешната етничка инклузија. Научивме дека мора да создаваме сојузници, наместо
непријатели. И дека мора да дејствуваме заедно и обединети“, нагласи премиерот Димитар
Ковачевски.
Тој додаде дека државата искуси и што значат меѓународна изолација и недемократска власт и
видовме што носи меѓуетничката нетрпеливост, којашто што повлекува етноцентрични,
популистички и со тоа крајно неодговорни и недржавнички политики.
„Оваа држава уште од Крушевската Република и АСНОМ е поставена на мултиетничноста,
којашто е вградена и во Уставот на независна Македонија. Преку политичко и етничко
заедништво е донесена и самата одлука за независноста на Републиката“, истакна Ковачевски.
Премиерот додаде дека предизвиците постоеле и ќе постојат, а најдобриот начин да се
справиме со предизвиците е да се соочиме и да ги решиме.
„Предизвикот е шанса да се даде сè од себе.И таа неповторлива шанса за напредок, директно
поврзана за нашата интеграција во Европската Унија, ја имаме токму сега. Се наоѓаме во
неповторлив контекст, кога поради геополитичките прилики и потребата да се осигура
стабилноста на европскиот континент, ние сме потребни на Европската Унија и на
демократската меѓународна заедница, како што ни се потребни и тие нам“, рече Ковачевски.