„Нашата заложба како Влада е да овозможиме квалитетни услуги со поширок спектар на дестинации за граѓаните. Податоците покажуваат дека во 2022 година имаме превезено над 2,3 милиони патници преку нашите два меѓународни аеродроми. Авиопревозниците Луфтханза и Визер ќе летаат и по неколку пати дневно. Со авиопревозникот Луфтхаза преку Франкфурт, нашите граѓани ќе имаат можност да се поврзат со повеќе од 200 дестинации во повеќе земји во Европа и светот., рече премиерот Димитар Ковачевски, кој заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски информираа за изборот на авиопревозници кои се пријавија на јавниот повик за финасиска поддршка за нови авиолинии за период 2023 до 2025 година.
Премиерот Ковачевски истакна дека стратешка цел на Владата е во челост да се искористат сите капацитети што ги нудат Меѓународниот аеродром Скопје и охридскиот аеродром Св. Апостол Павле.
Јас сум сигурен дека преку субвенционирање на авиолинии овозможуваме раст на економијата и на воздушниот сообраќај“, рече премиерот.
Министерот Бочварски, истакна дека Јавниот повик за субвенционирање на нови авиолинии кој беше распишан во согласност со политиките на фер и конкурентски услови согласно регулативата на Европска унија, траеше од 1 март до 31 март оваа година. Барања за воведување на нови авиолинии и финансиска подддршка за истите доставија две реномирани авиокомпании Луфтханза и Визер.
“Авиокомпанијата Луфтханза достави барање за воведување на нова линија од Меѓународниот аеродром Скопје до меѓународниот аеродром Франкфурт и тоа 10 пати неделно.
Оваа линија започнува да сообраќа од 23 април оваа година.Сметаме дека ова е од големо значење за сите граѓани од причина што аеродромот во Франкфурт е своевиден ХАБ, кој ги поврзува сите странинасветот со огромен број на меѓународни и интерконтинентални дестинации. Компанијата Визер ги достави следните дестинации за кои е одобрена финансиска поддршка:
Скопје – Луксембург,
Скопје – Штутгарт,
Скопје – Салцбург и
Скопје – Љубљана, за која имаше огромен интерес од граѓаните и бизнис заедницата. Кон овие 4 дестинации предвидено е да имаме 3 лета во неделата.
Планирано е воведување на овие линии од 1 ноември оваа година. Во однос на субвенциите, како што напоменав, финансиската поддршка ќе се исплаќа за 2023 година, 2024 и 2025 година. Министерството за транспорт и врски во својот буџет годинава веќе има предвидено 1,1 милион евра за оваа намена, а вкупно 5 милиони евра за тригодишната програма.
Во однос на финансиската поддршка, таа ќе изнесува 7 евра во денарска противвредност по патник во заминување превезен од Меѓународен аеродром Скопје”, рече Бочварски и додаде дека авиопревозниците за дестинацијата за која ќе добиваат финансиска поддршка ќе имаат обврска и по завршувањето на субвенциите да продолжат да ја оперираат линијата за период за кој добивале субвенциите.
Во спротивно ќе бидат должни да го вратат целиот износ на средства што ги добиле како финансиска поддршка.
Отворени се 5 нови дестинации од Меѓународниот аеродром Скопје, со што од досегашните 41 дестинација, сега се 46 дестинации кои ќе оперираат од скопскиот аеродром.
Политиките на Владата, се во насока да го развие воздушниот сообраќај во земјата, да обезбеди квалитетен развој на цивилното воздухопловство, како и да формираме конкурентни цени и нови дестинации за нашите граѓани, како и за привлекување туристи од цела Европа и пошироко