Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Ковачевски: Проектот за изградба на коридорите 8 и 10д треба да продолжи и да заврши во предвидениот рок

Договорот за надзор на изградбата на автопатите и договорот со „Бехтел и Енка“ се склучени  врз основа на законската регулатива во државата, почитувајќи ги сите процедури за избор на изведувачи и компании кои тоа го прават, оцени денеска премиерот Димитар Ковачевски.

– Во тоа биле вклучени сите институции кои се задолжени за таа работа и целата документација, која се однесува на изборот на сите вклучени компании и оние кои ќе прават надзор, е јавно достапна преку Бирото за јавни набавки, спроведена е целата процедура. Ги повикувам и Антикорупциската комисија и Јавното обвинителство да ги испитаат сите наводи што се изнесуваат во јавноста, рече Ковачевски во одговор на прашање при денешната посета на маркет во Скопје заедно со министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски.

Премиерот нагласи дека селекцијата и нивниот избор е направен врз основа на законска процедура преку јавно достапни податоци и со учество на повеќе компании во постапката за избор на најдобар понудувач.

– Никој ништо не криел во постапката, а во одлучувањето учествувале стручни комисии кои спроведувале такви постапки и во минатото за други проекти. Се што е достапна документација е веќе пријавено во надлежните институции. Антикорупциската комисија ќе ги добие сите одлуки кои се направени од страна на Владата во минатото за овој проект и врз основа на тоа ќе може да одлучува, а на располагање ќе ги има сите други документи. Владата нити е обвинителство, ниту, пак, антикорупциска комисија, кои работат независно, ниту е комисија за избор и за селекција на компании кои учествуваат на јавно надавање кое е усвоено со посебен закон изгласан од Собранието, кој е потврден и од Уставниот суд, прецизира Ковачевски.

Тој посочи дека „Бехтел и Енка“ треба да го работат најголемиот инфраструктурен проект во историјата на државата во вредност од 1,3 милијарди евра.

– Овој проект за изградба на коридорите 8 и 10д треба да продолжи и треба да заврши во рокот кој е предвиден од пет години. Ќе овозможи да имаме пристап до пристаништата во Драч и Бургас и да има суво пристаниште во Струга што е огромен бенефит за компаниите, рече Ковачевски и додаде дека на тој начин ќе станеме држава која е вистинска крстосница на Балканот, а не како досега да бидеме кружен тек заради недостиг на добра патна инфраструктура.

Од тоа, додаде, ќе имаат бенефит и граѓаните и компаниите

Зачлени се на нашиот е-билтен