Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Ковачевски: Сите во Парламентот имаат обврска да го поддржат евроинтегративниот пат, нема да фалат пратеници за уставните измени

Премиерот Димитар Ковачевски верува дека пратениците ќе го поддржат евроинтегративниот процес на државата и дека нема да фалат пратеници за изгласување на уставните измени. 

Ковачевски денеска повтори дека двотретинското мнозинство е потребно за понатамошното продолжување на евроинтегративниот процес на земјава. 

– Пратеници не и требаат на Владата или на мене. За да бидете претседател на Влада и за да се изгласа Влада потребни се 61 пратеник. Оваа Влада има 65 пратеници со кои е изгласана. Две третини мнозинство е потребно за понатамошно продолжување на евроинтеграцискиот пат на државата. Сите членови на Парламентот имаат обврска да го поддржат европското движење на државата затоа што младите заминуваат од државата во земји од ЕУ бидејќи таму има економски просперитет, владеење на правото, социјална правда и владеење на демократија. Тоа го сакаат нашите граѓани и тоа го сакаме и ние, рече Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања по презентацијата на новата ИПАРД 3 програма.

Додаде дека придобивките од влезот во ЕУ се огромни особено во економскиот дел, посочувајќи дека во држави кои станале членки на ЕУ е зголемена просечната плата за трипати, а нивото на инвестиции зголемено за 30 проценти. 

– Единаесет години владата на ВМРО-ДПМНЕ проба да има алтернативно решение за економскиот раст. Што постигна? Ништо. Два проценти БДП, на три проценти просечна инфлација. Инвестициите ги гледаме. Стиропорот во Владата и во сите други згради се распаѓа, половина подруми се поплавени, театарот протекува. Останаа спомениците, а еден споменик бил плаќан 10-кратно повеќе од тоа што вреди. Ние сме уникатен случај во светот каде социјална зграда чини колку еден лав на мостот „Гоце Делчев“, рече Ковачевски.

Верува дека скрининг процесот ќе заврши успешно и дека откако ќе бидат донесени уставните измени, ќе може да ги отвориме сите поглавја.  – Тоа ќе биде нов процес и импут за државата кога ќе почнат реформите од сите аспекти, рече Ковачевски. 

Зачлени се на нашиот е-билтен