Кредитобарателот понекогаш може да ги исплаќа и долговите на жирантот, граѓаните често не знаат за долговите што ги преземаат

Скоро секогаш блиски пријатели, сопрузи или колеги си гарантираат еден на друг за долг, преземајќи голем финансиски ризик. Ако должникот не може да го врати долгот, жирантот станува одговорен за исплатата, што често доведува до финансиски и емоционален товар, како и до целосно нарушување на односите.

Финансискиот притисок и емоционалниот стрес создаваат тензии и конфликти, особено ако должникот не покажува одговорност. Различните очекувања во ваквите ситуации доведуваат до раздор меѓу двете страни.

Во некои случаи може да се случи обратното – лицето што уредно ги плаќа своите обврски, поради преголема кредитна изложеност на жирантот, да биде обврзано од банката да ги подмири долговите на жирантот, кој не може да ги исполни своите финансиски обврски.

Според извршителката Емилија Павловска од Штип, во пракса често се случува граѓаните да не бидат свесни за преземените долгови сѐ додека не добијат известување од извршител. Има случаи каде должникот редовно ги плаќа своите обврски, но поради финансиски проблеми на жирантот, банката бара исплата на целиот долг од кредитобарателот.

“Како би се чувствувал секој од нас ако уредно ги плаќа своите кредити, а извршител го извести дека мора да исплати долг од десетици илјади евра поради финансиските проблеми на жирантот?”, вели Павловска, наведувајќи конкретен случај од својата пракса.

За да се избегнат вакви ситуации, таа советува граѓаните да бидат внимателни при гарантирањето за кредити и да бидат целосно информирани за обврските што ги преземаат. При потпишување договори за кредит, важно е да се разберат условите и ризиците, бидејќи во случај на неможност за исплата, може да се спроведе извршување врз целиот движен и недвижен имот.

Методологија за управување со кредитниот ризик

Според Одлуката за методологија за управување со кредитниот ризик, усвоена од Народната банка во февруари 2023 година и применета од 1 јануари 2024 година, банките имаат обврска да ги третираат заедничките кредитни изложености како нефункционални доколку не се исполнуваат обврските за отплата. Ова значи дека ако еден кредитобарател не може да исплаќа, сите ко-кредитобаратели можат да бидат изложени на истиот ризик.

Во одлуката постојат два исклучока од ова правило – ако доцнењето е резултат на судски спор меѓу клиентите или ако заедничката кредитна изложеност има мало учество во вкупната изложеност на банката.

Стапката на нефункционални кредити

Од Народната банка посочуваат дека стапката на нефункционални кредити во Македонија е на стабилно ниво од 2,7% на крајот на 2024 година, без системско влошување на кредитното портфолио. Ова значи дека, иако постојат индивидуални случаи со проблеми при отплата, банкарскиот сектор останува стабилен.

Сепак, оваа ситуација покажува колку е важно граѓаните да бидат внимателни при преземање на финансиски обврски и да размислат двапати пред да станат жиранти или ко-кредитобаратели.

МИА

Зачлени се на нашиот е-билтен