Кривичен суд: Против „Безбеден град“ се поднесени 476 приговори

„Безбеден град“

Основниот кривичен суд Скопје ја информира јавноста дека по пуштањето во употреба на системот „Safe City“ и по издавањето прекршочни налози за евидентирани сообраќајни прекршоци, граѓаните и правните лица кои не ја прифаќаат одговорноста за сторениот прекршок имаат законско право да поднесат приговор до надлежниот суд.

Па така, во текот на првиот месец од примената на системот, односно во месец февруари, до Основниот кривичен суд Скопје се поднесени вкупно 476 приговори (барања за поведување прекршочна постапка пред суд), од кои 431 приговор од правни лица и 45 приговори од физички лица, по кои постапуваат 16 судии од одделот за прекршоци при Основниот кривичен суд.

Сите поднесени приговори се навремено заведени во судот и согласно одредбите Законот за прекршоци, во утврдениот законски рок од 8 дена, доставени се до Министерството за внатрешни работи за нивно произнесување, што претставува неопходен предуслов за понатамошно постапување.

Па заради тоа, до овој момент судот нема донесено правосилна судска одлука по сообраќајните прекршоци евидентиран преку системот „Safe City“, а по кои граѓаните или правните лица истакнале приговор.      

Со цел запознавање на јавноста за најчесто евидентираните прекршоци, информираме дека најголем дел од приговорите се однесуваат на прекршоци поврзани со неприспособена брзинапоминување на црвено светло и управување со не регистрирано возило.

Како најзначајни предизвици во тековниот период се издвојуваат приговорите поднесени од правни лица – лизинг компании за возила дадени на користење врз основа на договор за лизинг, како и приговорите од граѓани кои претходно ги отуѓиле своите возила, но истите не биле одјавени во Министерството за внатрешни работи, поради што им биле издадени прекршочни налози.

Основниот кривичен суд Скопје, ценејќи ја важноста и јавниот интерес за воведувањето на новиот систем за безбедност во сообраќајот, ќе продолжи да постапува по сите предмети во законски утврдените рокови и навремено и транспарентно да ја информира јавноста за понатамошниот тек на постапките, но и за сите предизвици и обврски кои граѓаните се должни да ги преземат.

Зачлени се на нашиот е-билтен