Секторот за внатрешни работи Скопје, во соработка со Основното јавно обвинителство, поднесе кривична пријава против 43-годишниот Г.С. од Скопје, осомничен за упадот во студиото на емисијата „Инфомакс“. Лицето се товари за кривични дела насилство и спречување на службено лице при вршење службено дејствие.
Според информациите од МВР, пријавата е поднесена по реакција од водителот на емисијата, А.М., кој го пријавил инцидентот. Полицијата веднаш презела мерки: биле обезбедени снимки од безбедносните камери, извршени разговори со оштетениот и со сведоците, а бил повикан и самиот осомничен на службен разговор. Истовремено, биле документирани и заканувачки пораки кои Г.С. наводно му ги испраќал на водителот.
По комплетирањето на доказниот материјал, осомничениот бил изведен пред судија на претходна постапка, кој му одредил мерка притвор.
Институциите најавија дека истрагата продолжува за да се утврдат сите околности околу инцидентот.