Крстески: Грда слика се испразнетите амбасади на Македонија во Европа и светот

Крстески

Денеска разговараме со Емил Крстески. Емил Крстески ја започна својата кариера како новинар посветен на меѓународната политика. Таа посветеност ја предодреди неговата натамошна кариера понатаму како државен службеник во неколку институции во земјата и во некои меѓународни организации каде што ја претставуваше нашата земја, а заврши како амбасадор во Република Чешка.

Во меѓувреме имаше еден мандат како директор на Државниот архив.

Од неговото искуство во дипломатијата, Крстески вели дека грда слика се испразнетите амбасади на Македонија во Европа и светот и дека празните амбасадорски места се огледало на самата држава.

За стратешки интереси како членството во ЕУ, вели Крстески неопходен е национален консензус, а прифаќањето на вредностите и нормите на ЕУ се поважни од членството.

По зачленување во Обединетите Нации и во НАТО, внесувањето на Бугарите во Уставот е нашето следно скалило, овој пат во Европската Унија, смета нашиот соговорник.

Кога станува збор за Бугарите во уставот како отстапка, ние многу поголема отстапка направивме ’93 година кога во ОН влеговме како ПЈРМ. Болна работа беше промената на името, ама ни го донесе членството во НАТО, оценува Крстески. Ние сме сега рамо до рамо со сојузниците, Македонија има заменик генерален секретар на НАТО, потсетува Крстески.

Со Емил Крстески разговараше Зоран Бојаровски.

Поттикот за ова интервју, всушност, беше книгата која наскоро ќе ја промовирате. За неколку дена ќе биде промоцијата на книгата раскази „Не правете го тоа во мојот завтомобил“.  Што не треба да се прави во твојот автомобил?

Тоа е мојата трета збирка раскази. Промоцијата ќе биде во среда, на 24 декември во „Бистро“, во поранешниот МНТ, сега Театар Комедија. Инаку, издавач е Или-Или и ова е една од подрагите мои книги.

Имам напишано уште шест книги од областа на меѓународното право и меѓународните односи, а ова е како хоби, бидејќи уште од мал сум пишувал и поезија, и проза, сум објавувал раскази и песни. Јас живеев во центар во една зграда, ја викаа новинарска зграда. Тамуживееја многу, многу новинари од „Нова Македонија“ кај што живеа Наум Начевски, на пример, кој беше дописник од Њујорк и од Лондон, Душко Малевски, кој беше дописник од Рим, Свето Серафимов, кој беше дописник од Бејрут, Јордан Ивановски, кој беше главен уредник на Вечер, семејството Стефанови, кои сите беа новинари, и таткото и мајката, и синот и ќерката. Така што тоа беше една новинарска зграда и отсекаде слушав звуци на чукање на машина за пишување.

Татко ми беше уредник во „Култура“, така што бев опкружен со книги, со пишувања, со машини и немаше бегање од тој свет. Бев како предодреден  да пишувам. И ете, од мали нозе пишував поезија и проза, а потоа веќе се префалив во новинарство и се ориентиран кон надворешната политика.

Велиш хоби, но Оливера Ќорезироска за твојата книга пишува во поговорот прилично пофални зборови. Таа вели: „Навистина изненадува, особено крајот на книгата.” Јас не знам што е, уште не сум ја прочитал. Благодарам што ми ја подари, но секако ќе ја прочитам. Но, очигледно штом доаѓа од Оливера Ќорвезировска, која не е било кој, мора да е добра книгата, така што очигледно е повеќе од хоби.

Па јас го чувствувам како хоби, на публиката е ред да оцени, и на критиката се разбира. Меѓутоа, ако публиката ја прифати, за критиката помалку се грижам.

Инаку и благодарам на Оливера. Ние не се познаваме лично, меѓутоа веднаш го прифати тој предизвик да ги прочита расказите и да напише поговор, и мислам дека објективен и солиден поговорот. Оставили кај нејзе печаток тие раскази, па ќе видиме каков ќе биде одзивот кај публиката.

Самиот кажа дека твојата кариера беше предодредена да биде или новинарство или литература, и во овој случај, во твојот случај тоа е некаков спој. Но, кога зборуваме за новинарството, првите можеби десет-петнаесет години од кариерата гипосвети на меѓународната политика и работеше во редакциите во „Нова Македонија“ и во Македонската телевизија, во редакциите за надворешна политика.

Првенствено сакам да кажам дека јас уште од мал читав и многу весници, и дневни, и неделни, и ме привлекуваше таа меѓународна политика, меѓународните односи. Сакав да се запишам на Политички науки во Загреб, бидејќи татко ми подоцна беше уредник во Лексикографски завод Загреб, и некако ми звучеше примамливо да се запишам таму. Меѓутоа, пред да го направам тој чекор се отворија Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје и се запишав. Инсистирањето на домашните, на родителите беше да бидам тука во Скопје, дома практично. Завршив, магистрирав и докторирав на Универзитетот „Кирил и Методиј”, односно на Правниот факултет „Јустин Први”, од областа на меѓународната политика, на меѓународното право и меѓународните односи.

Додека студиравв, работев во телевизија Скопје, тогаш, во надворешно-политичката редакција заедно со познати имиња од таа област, Тихомир Илиевски, Слободан Трајковски, Владимир Лапе, Слободан Дамевски и други.

Прифаќањето на вредностите и нормите на ЕУ се еднакво важни со членството.

Ќе прескокнеме низ годините и добро е што ја спомна докторската докторска теза зашто понатаму сакам да влеземе во актуелноста на меѓународната политика. Докторската беше „Меѓународната политика на САД во 21 век”.

Истражуваше директно во Соединетите Американски Држави, каде што помина три години по разни институти и институции на САД, универзитети и така натаму, каде што ги црпеше сите тие податоци.

Моето прашање е дали твојата докторска го антиципираше она што денеска го прават Соединетите Американски Држави на меѓународен план, имајќи го предвид Трамп како американски претседател?

Таа динамика во меѓународните односи мислам дека кулминираше сега со вториот мандат на Доналд Трамп. Американскиот претседател направи разбранување во меѓународните односи кога дојде лани на оваа позиција, кога влезе во Белата куќа и тој малку ги вознемири духовите не само во Европа, туку и во светот, бидејќи наметна малку порадикална, да речем и безбедносна, но и економска политика во меѓународните односи.

Така што Европа се почувствува како да е малку на страна. Како резултат на сето тоа е таа инфериорност на Европа и наметнувањето на Америка, односно на самиот претседател да ги решава меѓународните спорови, како што знае тој самиот, со своите советници, се разбира, во Белата куќа и со помош на Стејт департментот и заобиколувајќи ги многу влијателните и значајни меѓународни организации, како што се Обединетите Нации, да речеме, кои се формирани на 24-ти октомври 45-та година, сега прославуваа 80 години од своето постоење, и кои беа токму создадени и формирани за да го зачуваат мирот и безбедноста и рамнотежата во светот. Меѓутоа, со ова заобиколување од страна на големите сили, особено на Соединетите Американски Држави, тоа не добро бидејќи сите проблеми и сите проблематични прашања и комплицирани ситуации треба да се разгледуваат и да се расправаат во рамките на Обединетите Нации, односно на Советот за безбедност и на Генералното собрание на Светската организација.

Ќе се навратиме на Европа и на меѓународните организации. Но пред да преминеме на тоа, мислам дека е битно да не го одминеме ова интензивирање на една „американизирана“ надворешна политика, ќе го употребам тој термин, која дојде наспроти подемот на Кина.

Треба да го имаме и тој аспект во предвид и она што се случи со втората војна во Украина од 2022 година, кога се покажа дека Русија може да биде сериозна закана не само за Европа, туку и голем предизвик и за НАТО и за Трансатланскиот договор во кој главна улога имаше и сѐ уште имаат тогаш и сега САД.

Ми се чини дека заради тој дисбаланс кој наеднаш настана, заради подемот на Кина и заради предизвикот што го воспостави Русија, за САД некако логично произлезе да си ги земе работите во свои раце.

Отсекогаш ми се чини дека ривалството постоело помеѓу Соединетите Американски Држави и Русија. Тие биле главните сили после падот на Берлинскиот зид и распадот на Советскиот Сојуз.

Тие промени што настанаа, тектонски би рекол, ја подготвија за тоа. Малку Русија ја ставија на втор план, да речам, бидејќи беше економски изнемоштена во тој период, бидејќи се распаднаа тие дваесет и две држави и веќе не беше единствена Русија. Така што и воено и економски заслабе, така што не беше голем предизвик за тој период за Америка.

Меѓутоа, сепак, ривалството остана. Во тој период имаше и еден партнерски однос помеѓу НАТО и Русија. Постоеше еден совет во кој беше вклучена и Русија, за да се создаде еден европски безбедносен систем, политички и безбедносен систем, во кој ќе учествува и Русија како една од позначајните земји и влијателни земји во меѓународните односи.

Но, помина тој период и потоа како што закрепнуваше самата Русија, така и нејзиното влијание и судирот се изоструваше. Пропадна и тој совет меѓу Русија и НАТО и беше отфрлена и од најразвените земји од Г-7.

Еве знаеме што се случува сега и со какви блокади се соочува, меѓутоа, бидејќи Русија е евроазиска земја и поголем дел од нејзината територија ѝ припаѓа на Азија, може да се констатира дека природно е да се сврти и да ги зајакнува односите со Кина, Индија и со другите земји. Тоа партнерство и стабилни односи, политички и економски, резултираше со создавањето и формирањето на БРИКС.

За стратешки интереси како членството во ЕУ, неопходен е национален консензус.

Да продолжиме понатаму со Македонија. Македонија претендира да биде членка на Европската Унија. Таа е дел од Европа, од еден европски, културно-политички, па и безбедносен простор. Каква треба да биде позицијата на Македонија во овој амбиент што го разговаравме досега?

Па пред сѐ би кажал како Европа и Европската Унија се справува со овие кризи, особено со војната во Украина, се рефлектира и во југоисточна Европа, на Балканот, особено и кај нас, се разбира.

Споменавме дека Европската Унија малку се пасивизира во однос на решавањето на проблемот со војната во Украина и дека официјален Вашингтон и Москва ја преземаат улогата да се договорат и да решат без посредување на ЕУ или со некоја меѓународна организација или институција.

И сега доаѓаме до ситуација кога прашањето за проширувањето на Европската Унија е речиси во втор или трет план. Меѓутоа тие мора да размислуваат и за тоа, бидејќи сепак мислам дека Европа, исто и НАТО, скаат да се амортизира влијанието, руското влијание на Балканот.

И сведоци сме какви односи има. Меѓутоа, тоа создава и отпори во некои земји членки на Европската Унија. Познато е тоа за Унгарија, за Словачка, донекаде Полска и Србија и така натаму, кои имаат добри односи, пред сѐ економски, бидејќи се зависни од нафта, гас и трговија…

Со Русија…

Да, со Русија. Последиците сите ќе ги, ќе ги почувствуваме, не само Европската Унија и земјите во Европа и ние на Балканот. Затоа што една земја Украина, со околу четириесет милиони жители, со голема житница што ја прехрануваше, можеше да ја прехранува цела Европа, и сега сето тоа се доведува во прашање. Како ќе функционира, дали ќе може да опстои? И тука ние се наоѓаме во една, како да речам, една незавидна ситуација, кога од една страна нашите стратешки цели од самото осамостојување беа НАТО и Европската Унија.

Сега ние стремиме кон Европската Унија, меѓутоа Европската Унија се соочува со многу, многу свои проблеми кои се многу тешки, да речем комплицирани и не се едноставни за решавање.

И затоа велам дека проширувањето сега малку како да е ставено по една страна. Меѓутоа, ние мора да се бориме и да бидеме дел од тоа семејство, да ги прифатиме тие сите вредности и норми што ги има Европската Унија. За да функционираме, за нашите институции, за да ни биде полесно и подобро како држава, како субјект во меѓународните односи, а не заради членството до кое можеби ќе долг патот додека се стигне до тоа членство.

По зачленување во Обединетите Нации и во НАТО, внесувањето на Бугарите во Уставот е нашето следно скалило, овој пат во Европската Унија.

Тука доаѓаме до поента за која сакам да разговараме понатаму. Од една страна Европа, Европската Унија, е соочена со многу предизвици. Проширувањето можеби е тргнато настрана, но тие не се откажуваат, велат дека тоа останува безбедносно прашање и проширувањето останува на агендата, но доаѓаме до прашањето на активното учество на земјите кандидатки за членство во Европската Унија и сега да се фокусираме малку на Македонија.

Спомнавте дека сакате да се повикате на една фраза, па би сакал јас да помогнам. Ја разговаравме претходно таа изрека која вели: „Ако не сте на масата, ќе бидете во менито….

Ако не се најдете на маса ќе се најдете во менито…

Тоа е еден прилично илустративен опис на тоа што може и што ни се случува. Тоа значи дека на Македонија ѝ е потребна една многу поголема, поинтензивна и поаргументирана проактивност кога станува збор за процесот до членство во ЕУ, за постигнувањето на стандартите, за да се отворат полаглавјата и да почнеме да разговараме за тоа.

Но, за да дојдеме до таква позиција, на Македонија сè уште и преостанува единствениот услов, а тоа е да ги внесе Бугарите во Уставот, што е дел од онаа преговарачка рамка што беше усвоена од сите земји членки на Европската Унија, која ја прифати и Македонија во 2022-ра година за да се откочи процесот.

Ако се вратам повторно на она „Ако не сме на масата ќе бидеме во менито”, не е ли подобро да го направиме тоа? Ако седнеме на масата, можеме да ги прескокнеме овие блокади што се случуваат од Бугарија и кога ќе бидеме на масата да ги решаваме тие прашања во една друга улога. Ние ќе си ја направиме таа улога, Македонија ќе ја направи таа улога со прифаќање на овие услови од преговарачката рамка.

Ќе се вратам малку назад, во историјата, односно не многу далеку, во 93-та година, кога Македонија стана земја членка на Обединетите Нации. Тогаш јас престојував исто во Њујорк месец, месец и половина, ги следев активностите на нашата делегација при приемот во Обединетите Нации. Тоа одеше мошне тешко од познати причини поради негодувањето на Грција за употребата на името Македонија, а знаеме што значеше тоа за нас, самото членство во Обединетите Нации.

Во тој период ние имавме војна на северот која можеше многу лесно да се прелее кај нас. Требаше да дојдат УНПРЕДЕП, требаше да дојдат меѓународни сили и сили на НАТО кои ќе ја заштитат нашата северна граница и ќе ја заштитат нашата држава од вовлекување во таа војна. Ние тогаш направивме отстапка. Бевме примени во Обединетите Нации под  привремено име – Поранешна Југословенска Република Македонија. Го голтнавме тоа зашто беше значајно за нас, затоа што станавме дел од меѓународното семејство на држави.

Како субјект почнавме да функционираме. Потоа се зачленивме во Советот на Европа, во ОБСЕ и во другите меѓународни организации и институции. Тоа беше еден голем исчекор за нас како држава.

Се случи токму тоа: „ако не сте на масата, можете да се најдете во менито“. Болна работа беше промената на името, ама ни го донесе членството во НАТО, што исто така е многу битно. Затоа што НАТО е гарант за нашата безбедност и за нашето ето, етаблирање.

Ние сме сега рамо до рамо со сојузниците, имаме заменик генерален секретар на НАТО од Македонија.

И сега доаѓаме до Бугарите во Уставот. Јас тоа го гледам како скалило, од зачленување во Обединетите Нации, па во НАТО и сега и Европската Унија.

Не сум сигурен дали тоа ќе биде последен услов, но затоа велам: ако бидеме на масата, двата предлога за членство со одложен рок и/или за членство без право на глас во Европскиот совет, се многу добри форми, за да можеме да почнеме пристапни преговори и да си го решаваме проблемот илатерален со Бугарија.

Болна работа беше промената на името, ама ни го донесе членството во НАТО.

Кога го зборуваме ова дали имаме предвид дека ни е потребна една многу јасна меѓународна политика, односно дипломатија, којашто ќе овозможи сите овие работи да ги остваруваме и да ги обезбедиме пријателските односи со сите земји. Иако ние имаме прилично голема поддршка од поголем дел од земјите членки на Европската Унија, јас имам чувство дека тоа полека се троши заради ова неприфаќање да се направат тие измени во Уставот. Да се внесат Бугарите како пречка за откочување на преговорите и потоа да тргне затворањето на кластерите за да дојдеме до ситуација кога ќе имаме меѓувладина конференција за прием на Македонија во ЕУ.

Сметам дека кај нас пред сѐ треба да се создаде еден консензус околу многу битни прашања, а ова е едно од тие битни прашања. Политичките партии треба заеднички да донесат став за вакви работи, и секогаш кога се во прашање националните интереси за кои треба големи отстапк треба да се создаде едно единство, една кохезија меѓу политичките партии, заеднички да се договорат, оти станува збор за иднината на државата, за идните генерации, а не само за политичките партии и за нивни дневно полични придобивки.

 Но, такви понуди имаше. Додека беше СДСМ на власт во 2022-ра година имаше таква понуда – дури беше понудено да се формира заедничка влада за да се влезе во тој процес. Еве и сега СДСМ, од опозиција исто така понуди и побара лидерска сретба на која ќе се постигне некаква национална согласност…

Да, за да се надминат недоразбирањата, препукувањата во име на повисоките цели на државата и за нејзината перспектива.

А тоа бара, првенствено ова што велите вие и што го поставивте прашање, првенствено бара кохезија, единство внатре, а потоа бара и ефикасна дипломатска активност. Ефикасна дипломатска активност значи да бидеме присутни во меѓународните организации, какви и да се тие, и со колкаво влијание светот сега.

Ни треба мала, но ефикасна дипломатија. Ние не сме богата држава, знаеме во каква ситуација се наоѓаат и нашите амбасади. Знаеме дека има околу дваесетина празни амбасади без амбасадори…

Тоа сакав да биде следно прашање: Нашите празни амбасади?

Тоа е недопустливо, затоа што вие не можете да воспоставувате добри односи, односно да ги развивате односите со државите каде што имате амбасадори, и на економски и политички и безбедносен, културен и билокаков план.

Како го објаснувате тоа дека дваесетина амбасади  во Европа и во некои од прекуокеанските земји сè уште немаат амбасадорски назначувања?

Како го толкувам, го толкувам како запоставено прашање. Неосновано запоставено прашање, бидејќи дипломатијата е огледало на политиката на самата држава. Како што на почетокот реков, националните интереси се штитат со таа меѓународна политика, со дипломатијата и со водењето на надворешната политика, со методите и начините на кои таа се спроведува.

Празните амбасадорски места се огледало на државата.

Ние практично ги доведуваме во ризици позициите на Република Северна Македонија кога немаме назначени амбасадори со полноправен мандат?

Не е добра слика за самата држава. Прво, еден мој колега амбасадор, кој скоро се врати од службување, беше вратен со неуставни методи и него го прашале во Министерството за надворешни работи во земјата домаќин,  дали вие имате намера да ги раскинете дипломатските односи со нашата земја, бидејќи одеднаш беа повлечени осум амбасадори, неосновано, неуставно.

Автентичното толкување на Собраниската комисија за надворешна политика не може да биде над законот, а во законот не пишува дека треба да задолжително да се презентираат тезите во собранието.

Меѓутоа, тоа беше најмал проблем за амбасадорите и најмал проблем, затоа што главното презентирање на тезите е пред министерот и пред десетте директори на директоратите во Министерството за надворешни работи и потпишувањето на указот на претседателот на државата.

Тоа во Собранието е протоколарно, чисто да се оддаде малце значење на таа собраниска комисија.

Ова што го кажувате мене ми боде очи тоа што го велите како реагираат во министерствата за надворешни работи во земјите каде што немаме амбасадори. Испразнетите места во амбасадите го сметаат за раскинување на дипломатските односи со тие земји?

Па ете, на еден колега така му рекле во таа земја за тоа ненадејно повлекување на амбасадорот без да се испрати нов. Така што тоа што немаме испратено амбасадори е несериозно и целата работа е неуставна. Мислам дека неколку амбасадори веќе тужат и се чека мислење од Уставниот суд за да оцени дали е тоа исправно или неисправно.

Во секој случај е неубав гест за земјата домаќин. После кусо време, после година, година и пол или две да вратите амбасадор и така да стои тоа место празно подолго време. Тоа ги намалува всушност активностите на земјата, во развојот на односите…

Во меѓународните односи ако не сте на масата, ќе се најдете во менито

И особено во овие услови и во меѓународниот контекст во кој се наоѓа и светот, а и Македонија, тоа е стварно една лоша слика…

И да спомнам дека на таа Комисија за надворешна политика, Собраничка комисија, секогаш претседател е пратеник од опозицијата. Е сега може да замислите, сега е исто така претседател на таа комисија од опозицијата.

Тогаш беше Антонио Милошовски, кој не сакаше да закаже седница, покрај инсистирањето на претседателот Стефо Пендаровски, тој не закажуваше седница. Дојде до до Андреј Жерновски и ја прекинан седницата и потоа не закажуваше седница.

Е сега можете да замислите, сегашниот претседател на таа комисија кој е од редовите на опозицијата, нема да закажува, да речеме до пролет или до до другото лето, до есен и ние повторно ќе имаме кочење, кочница во дипломатската мрежа.

Како мислите дека нема да закажува? Ако не закажува?

Можеби ќе закаже, еден амбасадор ќе помине, десет ќе останат, нема да ги презентираат тезите и ќе дојдеме во една незгодна ситуација каде што ќе дојде до уште поголемо осиромашување на таа наша дипломатска мрежа, којашто и без тоа е осиромашена.

Мене колку што ми е познато и од она што го истражував, од април оваа година нема доставено Министерството за надворешни работи, листа на амбасадори.

Има поминато неколку во владата, на владина седница, меѓутоа сè уште траат тие подготовки, траат околу два месеци откако ќе се добие агреман од земјата домаќин.

Таа процедура трае пет-шест месеци и затоа однапред треба да се да се предвидуваат и да се антиципираат сите тие овие прашања и проблеми. Оти знаете како, кога бев во Прага, кога на некој амбасадор му завршуваше мандатот и си одеше, за една недела или две недели доаѓаше нов амбасадор, а тој амбасадор веќе се подготвувал порано неколку месеци и се знаеше кој ќе биде суцесор на таа позиција…

За да има континуитет…

Апсолутно. За да нема геп, како што велат Американците, да нема процеп некој.

Ви благодарам многу за разговорвот.

Ви благодарам и Вам.

Зачлени се на нашиот е-билтен