Куманово во пламен: 11 пожари избувнаа за еден час

Вкупно 11 пожари се регистрирани во текот на само еден час денеска попладне на територијата на Општина Куманово, соопшти градоначалникот Максим Димитриевски.

Според информациите, пожарите избувнале во периодот меѓу 13:00 и 14:00 часот на повеќе локации – како во градот, така и во приградските населби и околните села.

Особено сериозна била ситуацијата во селото Којнаре, во реонот познат како м.в. Палестина, каде што горела сува трева во близина на куќите. Според изјави од жители, огнот зафатил и една куќа. На терен интервенирале екипи со едно противпожарно возило, тешка механизација ангажирана од приватни фирми и две водни цистерни, а помош дале и мештаните.

Градоначалникот упати апел до граѓаните да се воздржат од палење оган на отворено и да бидат внимателни при ракување со пожароопасни материјали, особено цигари и отпад. Тој ги повика сите кои ќе забележат сомнителни активности во близина на стрништа, сува трева или подрачја со вегетација, веднаш да ја известат полицијата на бројот 192.

Екипите на Територијалната противпожарна единица Куманово вложуваат максимални напори за справување со пожарите, но ветерот кој дува во текот на денот дополнително ја отежнува ситуацијата.

Зачлени се на нашиот е-билтен