Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, реагираше на изјавите од ВМРО-ДПМНЕ во врска со справувањето со активните пожари во земјата, обвинувајќи ја опозициската партија за, како што рече, „нелогични и навредливи тврдења“.
„Секогаш кога се поставува прашање за одговорноста околу лошото менаџирање со пожарите, ВМРО-ДПМНЕ повторно се обидува вината да ја префрли на СДСМ. Овој пат, одат чекор подалеку, тврдејќи дека токму СДСМ стои зад подметнување на пожарите – апсурд кој досега не е забележан во политичката реторика,“ изјави Кузеска.
Таа додаде дека ако навистина постои сомнеж за подметнување, тогаш се поставува прашањето дали истите сомнежи важат и за општините управувани од СДСМ, каде што исто така беснеат пожари.
„Овие обвинувања ја откриваат двојната неспособност на ВМРО-ДПМНЕ – прво, во практично справување со пожарите, и второ, во делот на безбедносните служби, кои не детектирале никаква навремена закана, доколку тврдењата за подметнување навистина се точни,“ рече таа.
Кузеска потсети дека СДСМ настапува конструктивно, наведувајќи дека партијата во Собранието ги повлекла сите амандмани и поднела само два – еден поврзан со трагедијата во Кочани и друг за подобрување на системот за заштита од пожари.
„Со тие предлози сакаме да понудиме конкретни решенија. Сега е момент ВМРО-ДПМНЕ да покаже зрелост и да ги прифати, наместо да ја користи кризата за политичко поенување,“ изјави Кузеска, апелирајќи на политичка одговорност и солидарност во справувањето со последиците од пожарите.