КЗК ја казни ССК со 0,8% од приход – ССК организирала и лажела за картелското здружување на маркетите

Сојузот на стопански комори, една од најголемите бизнис заедници во земјава била соучесник и организатор при картелското здружување на четирите ланци на маркети и давала лажни и нецелосни податоци.

Комисијата за заштита на конкуренцијата прекршочно ја казни Комората која треба да плати 0.87%, од приходите во 2024 година. Според пресметките на ТВ21, ССК треба да плати казна од 100.000 денари или околу 1.600 евра.

„Комисијата по допрен глас поведе постапка против Сојузот на стопански комори и против четири големи ланци на маркети заради постоење на сомневање за картелско здружување што е строго забрането согласно член 7 од Законот за заштита на конкуренцијата. Извршниот директор и потпретседателот на Комората свесно давале неточни податоци за улогата на Комората и нејзините овластени лица во организацијата на склучувањето на забранет договор (картел) помеѓу четирите големи ланци на маркети“, велат од КЗК.

При контрола на службената комуникација било утврдено дека тие имале активна улога во процесот на договарање и свесно давале неточни и нецелосни податоци заради избегнување на одговорноста за картелско здружување – соопшти КЗК.

Од Сојузот на Стопански Комори не добивме одговор.

Во емисијата пак Бизнис 21, во февруари токму дента кога КЗК ги поведе постапките претседателот на Трговката комора при ССК, Сашо Дукоски негираше било какво здружување.

„Картелите се на други места, тука можеме да преудицираме што сакаме. Јас ви кажувам дека такво нешто не се случило, не е точно за никакво здружување, никакво договарање“, истакна Сашо Дукоски.

-Не сте се договарале за цени тоа значи?

„Се надевам, се надевам многу скоро ќе се докаже низ постапка“

-И влијание?

„Не, дефинитивно не“.

Пресметките на ТВ 21, покажуваат дека вкупниот приход на Комората лани бил над 11,4 милиони денари. А казната која треба да ја плати е 100.000 денари или 1,626 евра.

Постапката пак за четирите ланци на маркети се уште трае. Доколку Комисијата докаже дека картелски се здружиле и влијаеле на цените, Кам,Тинекс, Веро и Рептил можат да бидат казнети со максимум 10 проценти од приходите. Станува збор за казни и по десетици милиони евра.

Зачлени се на нашиот е-билтен