Лажна дојава за бомба на скопскиот аеродром – приведен 26-годишник од Кисела Вода

Министерството за внатрешни работи соопшти дека е поднесена кривична пријава за „тероризам“ против 26-годишниот С.А. од Скопје, кој се сомничи дека предизвикал хаос на Меѓународниот аеродром Скопје со лажна дојава за бомба.

Според информациите, на 16 август во 02:41 часот, осомничениот преку телефонската линија 192 пријавил дека во авион со дестинација Турција е поставена експлозивна направа. Веднаш биле активирани антитерористички протоколи, а аеродромот беше затворен за неколку часа. Сите летови беа одложени додека траеја безбедносните проверки.

По наредба на суд, на 20 август бил извршен претрес во домот на С.А. во Кисела Вода, при што биле пронајдени предмети поврзани со случајот. Тој е приведен и во службен разговор ја признал постапката.

„Со својата лажна пријава осомничениот предизвикал чувство на страв и несигурност кај патниците и вработените на аеродромот и сериозно го нарушил текот на воздушниот сообраќај“, наведуваат од МВР.

Зачлени се на нашиот е-билтен