Претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка во македонското Собрание, Моника Зајкова, побара целосен и детален ветинг на сите избрани функционери, именувани лица, како и овластени инспектори, цариници, полицајци и други клучни професии кои се подложни на корупција и влијание.
Во изјавата по трагедијата во Кочани, каде што животот го загубија 59 млади луѓе во пожарот во дискотеката „Пулс“, Зајкова истакна дека оваа трагедија е само врвот на многу подлабок и посуштински проблем.
„Трагедијата во Кочани и неизмерната тага која нѐ обви сите нас е врвот на проблемот, кој е многу подлабок е посуштински. Навистина е тажно што мораше да се случи ваков трагичен настан, за конечно да разбереме дека тука нешто мора да се промени и тоа мора да се промени брзо. Се надевам дека конечно и свеста кај сите ќе проработи. Живееме во многу корумпирано општество, каде со пари се купува сѐ, здравјето, образованието, лиценци, пресуди итн.“, вели Зајкова.
Според Зајкова, корените на овој проблем можат да се најдат уште во 1990-тите години, по осамостојувањето, кога беа поставени погрешни темели на државниот систем.
„Погрешно е креиран системот. Направен е да ги штити големците и крупниот капитал наспроти интересот на граѓаните. Сведоци сме изминатите 30 години дека моќниците купуваат речиси сѐ и корупцијата е навлезена во секоја пора на нашето општество, за што сите ние сме колективно одговорни и сите мора да се согласиме дека е крајно време да се преземе нешто. Втора шанса нема да имаме“, заклучува Зајкова.
Зајкова ја посочи потребата за целосен ветинг на функционерите и сите оние кои имаат влијание во владеењето на правото. Таа нагласи дека не само функционерите, туку и оние кои со својата секојдневна работа придонесуваат за состојбите што доведоа до овој момент, треба да бидат одговорни.
Заслужуваме да живееме во поправедно и чесно општество, како што живеат нашите сограѓани од ЕУ, нешто што и ние како држава целиме да го постигнеме. Да не чекаме нови трагедии, да превенираме“, вели Зајкова и додава дека сега е клучен момент да се преземат одлучни чекори и конечно да започне вистинска борба против корупцијата.
Трагедијата во Кочани не е изолирана, истакна Зајкова, потсетувајќи на серијата трагедии кои ја погодија земјата, вклучувајќи го пожарот во модуларната болница во Тетово и автобуските несреќи. Според неа, овие настани се последица на ставањето на профитот пред човечкиот живот и благосостојба.