Летот на „Виз Ер“ од Братислава кон Скопје веќе два часа не може да слета на Меѓународниот аеродром „Скопје“ поради силниот ветер кој вечерва значително го отежнува приземјувањето на авионите. Според податоците на Flightradar24, овој лет моментално се наоѓа на петтото место меѓу најследените летови во светот.

Авионот со ознака W6 4762 повеќе од час и половина кружи над околината на Скопје, обидувајќи се да пронајде услови за безбедно слетување, но засега без успех поради бура и интензивни пориви на ветерот.
Слични проблеми има и во регионот. Во Подгорица исто така е забележано силно невреме и ветер, поради што летот Истанбул–Подгорица на „Туркиш ерлајнс“ е принуден да се врати назад кон Истанбул.

Проблемите со временските услови го погодија и скопскиот аеродром. Летот Скопје–Цирих, кој требаше да полета за околу два часа, е откажан поради неповолните метео услови и силниот ветер.
Ситуацијата се следи во живо од илјадници корисници низ светот, додека воздушниот сообраќај во регионот се соочува со сериозни предизвици предизвикани од нестабилното време.

