Левица алармира: Државно земјиште во Пештани узурпирано, решението за рушење не се спроведува речиси една деценија

Левица – Охрид обвини дека државното земјиште на брегот на Охридското Езеро се узурпира и се гради без дозволи, а надлежните институции речиси десет години не преземаат ништо и покрај постоечко решение за рушење на дивоградбата.

Од партијата соопштија дека уште во 2016 година, на земјиште кое е во државна сопственост и дадено на користење на ЈУ Национален парк „Галичица“, во центарот на селото Пештани е изградена бетонска ограда и ресторан, без да се поседува одобрение за градење. По пријава, градежен инспектор донел решение за отстранување на објектот, но тоа и денес не е реализирано.

„Фактот што речиси една деценија решението не се спроведува е доказ за организирано заштитување на поединци и селективна примена на законите“, велат од Левица, додавајќи дека се работи за катастарските парцели КП 1708/3 и 1709/2 кај Пештани.

Во документацијата, како што посочуваат, стои дека СВР Охрид поднел кривична пријава против правното лице ТДГПТУ „Толески Никола Дебој Инженеринг“ од Охрид и против одговорното лице Н.Т. (59) од Пештани, поради сомневање за кривично дело „узурпација на недвижност“. Но, надлежните органи сè уште не ја спровеле одлуката за уривање.

Партијата обвинува за селективна правда и заштита на „урбаната мафија“, а како дополнителен пример го наведуваат и фактот дека по најавениот вонреден инспекциски надзор од министерот Александар Николоски, по трагедијата во Кочани, конкретни резултати нема.

„Граѓаните кои чесно си ги подмируваат обврските кон државата заслужуваат институциите да постапуваат по закон, а не да штитат поединци. Левица ќе продолжи јавно да ја поддржува оваа борба за заштита на јавниот интерес, природните и урбанистичките вредности на охридското крајбрежје“, се наведува во соопштението.

Зачлени се на нашиот е-билтен