Њујорк на Зохран Мамдани не е модел – тој е огледало. Тој покажува како звучи храброста во ерата на плашливост. Ромите не се проблемот на Европа; тие се нејзиното недовршено ветување. Тие докажуваат дека верата во демократијата сè уште постои — само чека политика доволно храбра за да ја врати*.
Њујорк ретко им држи лекции на други — обично само на себе. Но пред два дена, кога Зохран Мамдани- 33-годишниот син на имигранти, муслиман и социјалист – беше избран за градоначалник,- резултатот ги проби границите. Тој ја потсети изморената политичка класа дека храброста сè уште одекнува кога звучи како силно уверување. Оваа победа покажа дека сè уште постои глад за убедувачка политика – нешто што и американските демократи и европската левица одамна го заборавија. Победата на Мамдани треба да ги потсети европските прогресивци дека храброста е заразна — и дека ромската заедница останува најјасниот тест за тоа дали европската демократија сè уште поседува храброст.
Мамдани беше омаловажуван како наивен, напаѓан како неискусен, прогласуван за неспособен — и сепак победи. Водеше кампања за домување, јавен транспорт и правичност, но исто така и за Газа и за совеста. Се соочи со политичка машинерија што веруваше дека стравот ќе победи над надежта. Не победи. Победата на Мамдани не докажа совршенство туку храброст. Во ера на плашливост, тој ризикуваше да каже она што другите само го шепотат – а гласачите го наградија за тоа.
За американските демократи, неговата победа повторно го отвори хоризонтот: доказ дека прогресивното убедување се уште може да ја победи циничноста – доколку е засновано на автентичност. Но пораката патува подалеку од Вашингтон. Од другата страна на Атлантикот, европската левица се соочува со истата криза на храброст – генерација партии што ја заменија храброста со претпазливост. Тие го усовршија управувањето, но го напуштија значењето. И никаде тоа напуштање не се чувствува толку јасно- колку кај шесте милиони Роми во Европа – најмладата, најпроевропска популација на континентот, и истовремено најсистематски исклучена од политичката моќ.
Кандидат кој успеа да ги мобилизира и разочараните и идеалистите претставува закана за комфорот на естаблишментот на двата континента. Ако демократите повторно се повлечат во претпазливост, тие ќе покажат дека нивниот вистински страв не е од десницата, туку од повторното верување во нешто вистинско. А европската левица одамна живее во тој страв. Низ дваесет и седум земји-членки, партиите ја усовршија уметноста на безбедноста – преку калибрирање и умерување во нерелевантност. Јазикот на солидарност е заменет со јазик на надзор. Самопрогласените бранители на еднаквоста денес претседаваат со индустрија на еднаквост.
Ниту еден ромски европратеник нема во Европскиот парламент од страна на мејнстрим левицата. Ниту еден не предводи национална изборна листа. Ниту еден не раководи со министерство. Прогресивците на континентот зборуваат за инклузија додека дизајнираат системи што исклучуваат. На секои избори, ромските гласачи добиваат избор меѓу занемарување, симболична застапеност и непријателство. Прогресивци кои ветуваат вклучување, но не делат моќ, конзервативци кои гледаат настрана; и крајната десница која го користи своето постоење како оружје. Ова не е демократија — ова е кореографија.
Победата на Мамдани ја разоткри таа парализа. Тој го направи она што демократскиот естаблишмент во САД и европската левица го избегнуваат со години: зборуваше директно со луѓето кои го држат градот на нозе. Тој зазеде страна, ризикуваше пораз и повторно ја поврза политиката со работничката класа -којашто левицата одамна ја заборави. Изгради доверба не преку совршенство, туку преку присуство. Додека тој зборуваше за кирија, јавен превоз и за економијата што работи само за богатото малцинство, прогресивците од двете страни на Атлантикот беа зафатени со извештаи и „акциски планови“. Тие издаваат извештаи за нееднаквост, додека ги игнорираат работниците што живеат во неа и изготвуваат стратегии за луѓе што никогаш не ги покануваат да владеат.
Вистината не е комплицирана. Левицата не страда од недостаток на вредности; страда од недостаток на храброст. Таа знае дека Ромите живеат во услови што ниедна демократија не би требало да ги толерира, но сепак продолжува да нуди семинари наместо места. Таа знае дека сиромаштијата и исклучувањето се политички одлуки, но сепак ги третира како административни грешки. Додека новата генерација на образовани, повеќејазични и проевропски ромски лидери — е подготвена, вратите остануваат затворени.
Кампањата на Мамдани покажа дека моралната јасност и административниот реализам можат да коегзистираат – но дали ќе го докаже тоа ќе зависи од она што следи. Европската левица нема таков луксуз да чека. Таа мора да го врати тој баланс сега: дисциплината да владее и храброста да го преслика тоа што го зборува. Репрезентативноста е мерка за двете. Истото слепило кое ја исфрли работничката класа од моќта ги држи и Ромите надвор од политиката. Ако демократијата сака да ја врати својата кредибилност, тогаш ѝ требаат ромски кандидати на победнички позиции, ромски министри во вистински кабинети, ромски училишта и станбени власти управувани од Роми кои одлучуваат за буџетите – наместо да молат за нив. Инклузија без власт не е напредок – тоа е контрола прикриена како доблест.
Ромите ја олицетворуваат европската идеја поискрено од повеќето Европејци. Тие живеат преку граници, зборуваат преку нации и сè уште веруваат во заедничка судбина. Но левицата не може да се справи со луѓе кои докажуваат дека припадноста може да постои и надвор од националната држава. Полесно е да се управува со нив отколку да сподели моќта. Секој буџетски циклус ја заменува реформата. Секоја конференција ја заменува репрезентацијата.
Кредибилитетот започнува со чесност, а се докажува преку дела. Мамдани сè уште не владеел, но ја освои вербата така што зборуваше со уверување – и тоа само по себе е реткост. Сега ќе се соочи со истиот тест на кој европската левица постојано паѓа: претворање на моралниот јазик во материјална промена. Европските Роми, по три децении стратегии и самити, ќе поверуваат само во она што можат да го видат – чиста вода, вистинско домување, еднакви политики, функционални училишта и сигурни безбедни работни места. Тоа не се социјални програми; тоа се уставни права. Сè додека Европа не им понуди на Ромите вистински политички избор, крајната десница не само што ќе ја задржи, туку експоненцијално ќе ја окупира тишината што левицата ја остава зад себе.
Отсуството на Ромите во европските институции не е морален пропуст; тоа е демократска фрактура. Унија која не може да ги претставува своите најевропски народи, нема право да претставува никого. Мамдани не чекаше дозвола да води; ја натера власта да слуша. Европската левица чека сигурност – и ја губи историјата во процесот.
Њујорк на Зохран Мамдани не е модел – тој е огледало. Тој покажува како звучи храброста во ерата на плашливост. Ромите не се проблемот на Европа; тие се нејзиното недовршено ветување. Тие докажуваат дека верата во демократијата сè уште постои — само чека политика доволно храбра за да ја врати.
Европа нема да се обнови преку соопштенија за јавност или партиски конгреси. Ќе се обнови во соседствата што ги заборави — кога некој конечно ќе ризикува да го мисли она што го зборува. Мамдани се осмели. Европската левица сè уште се двоуми.
*Овој текст е став на Фондацијата Ромите за демократија

