Либералниот институт Скопје денеска во градскиот парк во Скопје успешно реализираше герила акција и креативна комуникациска кампања со цел подигнување на свеста за корупцијата и нејзините штетни последици врз општеството. Со оваа иновативна акција, која вклучи неформални и креативни методи, целиме да ги поттикнеме граѓаните на активен отпор и да ги едуцираме за опасностите што корупцијата ги носи во секојдневниот живот.
Според истражувањата, една четвртина од јавните средства се трошат на коруптивен начин – тоа значи дека граѓаните добиваат 1/4 помалку од доброто кое треба да го добијат, но и од услугите за кои плаќаат во здравството, социјалната заштита и образованието. Овој системски проблем директно влијае врз квалитетот на животот и ја подрива довербата во институциите.
Корупцијата е една од најголемите пречки за развојот на Македонија и за процесот на европска интеграција. Европската Унија редовно ја нагласува потребата од ефективна борба против корупцијата, а Либералниот институт Скопје останува посветен на антикорупциското движење, потсетувајќи дека нејзините разорни ефекти ги гледаме секојдневно низ разни трагедии и неквалитетни јавни услуги.
Денешната герила акција на тема антикорупција имаше за цел на иновативен начин да ја претстави штетата што ја предизвикува корупцијата. Преку делење на производи – храна на која недостасуваше 1/4, симболично беше прикажан делот што недостига од даноци и јавни средства на граѓаните, а кои незаслужено се одлеваат во приватни џебови.
Оваа акција на Либералниот институт има за цел да ги поттикне граѓаните да размислат за сопствениот придонес во борбата против корупцијата и за потребата од системски промени.