Лилјана Поповска поднесе Иницијатива до Уставен суд за оценка на уставноста и законитоста на Протоколот со Бугарија

Поранешната пратеничка и претседателка на ДОМ, Лилјана Поповска, поднесе Иницијатива до Уставниот суд за оценка на уставноста и законитоста на Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија помеѓу Македонија и Бугарија, кој се одржа на 17 јули 2022 година во Софија.

Во образложение објавено за порталот Плусинфо, Поповска објаснува дека со Иницијативата бара Уставниот суд да утврди дека Протоколот е правно ништовен, бидејќи не била почитувана ниту една од законските и уставни процедури кои се однесуваат на меѓународни договори.

„Предлагам донесување одлука за негова ништовност, поради прекршување на 14 членови од Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународни договори, 2 члена од Законот за надворешни работи и 3 члена од Уставот. Меѓу прекршените членови од Уставот е и членот 8 за темелните вредности на уставниот поредок, во делот за основните слободи и права на човекот и граѓанинот, слободното изразување на националната припадност и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право“, наведува Поповска.

Таа дополнително укажува дека Протоколот не поминал низ ниту една институционална процедура што е предвидена за меѓународни договори – не бил усвоен од Владата, не бил ратификуван во Собранието и не бил објавен во „Службен весник“.

„Протоколот не е полноправен акт потврден од Парламентот, туку е само записник од состанок на меѓувладина комисија. Како правно ништовен документ, Протоколот не смее да наметнува штетни дејствија диктирани од соседна земја, ниту на Македонија да и задава крајно непринципиелни и понижувачки обврски, кои задираат длабоко во темелите и содржината на македонската држава, нација, историја, идентитет“, додава Поповска.

Во своето образложение, таа наведува вкупно седум основи поради кои смета дека Протоколот нема правна важност: непочитување на процедурата, изостаната собраниска ратификација, необјавување во службен весник, несоодветна форма и содржина, излегување надвор од рамките на еден член од меѓународен договор, создавање на „масивни штетни дејствија“ врз идентитетски прашања и попречување на евроинтеграцискиот процес на земјата.

„Важно е да се утврди официјално ништавноста на документот, а потоа да се отвори транспарентен и правно издржан процес за нов, правно валиден протокол за спроведување на Договорот за пријателство, кој ќе води сметка за достоинството и интересите на двете страни. Само таков може да се ратификува во Собранието и да произведе правни дејствија во насока на пријателство и добрососедство. Дотогаш, останува меѓународно важечки постоечкиот Договор за пријателство и добрососедство, кој без овој Протокол не може да ги произведе овие штетни дејствија“, истакнува Поповска.

Зачлени се на нашиот е-билтен