Љубојно порачува: Остануваме на стража, шумата е нашиот штит

Љубојно

Утре се навршуваат точно 100 дена отпор. 100 дена откако секое утро, без исклучок, одиме на патот кон шумата за да го заштитиме она што не штити нас, се истакнува во соопштението на жителите на преспанското, потпелистерско село, Љубојно.

Тие нагласуваат дека се само навидум сме десетици луѓе од едно мало преспанско село, а всушност, не сме малку, туку нè има многу и насекаде. Сите сме обединети со иста цел и истата заложба. И стоиме секој ден. Исто место. Исто време. Иста цел.

„Сечата над Љубојно не е само уништување на дрвја,  тоа е кршење на природниот штит што со децении го чува селото од поројни води, ерозија и разурнување на теренот. Секој дожд во последниве години ни покажува колку е кревка рамнотежата. Најмалата грешка таму горе во шумата, станува најголема опасност овде долу во селото“, укажуваат жителите на Љубојно.

Велат сека за 100 дена виделе многу: како камиони го отвораат срцето на шумата, како жителите сами мораат да постават песок на патот за да спречат штета, како првиот дожд го поплави селото и како државата повторува една истата реченица: „Сè е регуларно“.

Но она што државата не го виде е најважното, велат жителите Љубојно се разбуди.„

„Во овие 100 дена ние станавме заедница ги исчистивме патеките околу селото, ги уредивме изворите, се собраа младите генерации што со години беа отсутни од јавниот живот, го вративме гласот на луѓето од странство и научивме дека домот не се брани со зборови, туку со присуство“, пишува во соопштението.

Тие велат дека нивната порака е: Шумата над Љубојно е нашиот штит и ние бараме право на живот без страв од порој, одрон или поплава!

„И ќе останеме на патот кон шумата сè додека тоа право не биде заштитено. Ги повикуваме сите медиуми да известат за овие 100 дена протест, да видат како изгледа една мала заедница што не се предава и да ја слушнат приказната што никој од институциите не сака да ја каже на глас. Љубојно ќе остане на својата стража. Еднаш кога заедницата ќе се разбуди – таа не заспива повторно“, порачуваат во соопштението на жителите на преспанското, потпелистерско село Љубојно.

Зачлени се на нашиот е-билтен