Книгата со раскази „Мајсторот“ од Димитар Башевски, објавена во издание на издавачката куќа „Изида“ од Софија, е третото негово дело објавено во Бугарија. Претходно, во оваа земја се објавени неговите романи „Бунар“ и „Круг“. Преводот на книгата „Мајсторот“ на бугарски јазик е дело на Тања Попова.
Во текстот кој го придружува објавувањето на книгата се истакнува дека Башевски го води читателот на книжевно патување низ длабоките слоеви на човечките емоции и вечните потраги. Со голема леснотија и внимателност кон јазичните нијанси, авторот создава живописни слики на љубов, страст и копнеж, кои се вплетени со големите прашања за смислата на животот и местото на човекот во светот.
Димитар Башевски е автор на повеќе од дваесет книги, вклучувајќи проза и поезија. Добитник е на највисоките книжевни и општествени награди во Македонија, а неговите книги се преведени и објавени на повеќе европски јазици.