Македонците и нивните здруженија во Бугарија исчезнаа од извештајот за човековите права на САД

Македонците и македонските здруженија во Бугарија исчезнаа од извештајот за човековите права на САД.

За разлика од извештајот за 2023 објавен лани, прашањето на правата на Македонците во Бугарија и правата на македонското малцинство на здружување и политичко делување беа единствена тема во делот „Слобода на здружување“ на Извештајот на американскиот Стејт департмент за човекови права кои се објавува секоја година

Во тој дел во ланскиот извештај пишуваше:

„Законот што го предвидува правото на слобода на здружување и владата (на Бугарија, н.з.) генерално го почитуваше.

Властите продолжија да одбиваат регистрација на етнички македонски активистички групи како што се Обединетата македонска организација – Илинден, Друштвото на угнетените Македонци во Бугарија – Жртви на комунистичкиот терор, Здружението за заштита на основните индивидуални човекови права 2023 и Македонскиот културен клуб ‘Никола Вапцаров’ и покрај бројните претходни одлуки на Европскиот суд за човекови права дека одбивањата ја кршат слободата на здружување на групите. Во февруари, Окружниот суд во Пловдив ја потврди одлуката на Агенцијата за регистрација со која се одбива регистрацијата на Обединетата македонска организација Илинден – Пловдив, врз основа на тоа дека целите на групата, вклучително и официјалното признавање на македонско етничко малцинство, се насочени кон поделба на нацијата и би создале услови за етнички конфликт. Во мај, Апелацискиот суд во Пловдив ја потврди одлуката на понискиот суд“.

Така пишуваше лани, а оваа година, за состојбите во 2024, нема ништо на таа тема. Всушност во извештајот за Бугарија воопшто нема поглавје со наслов „Слобода на здружување“.

Според овој извештај, новата американска администрација не се занимава со правата на малцинствата во Бугарија, а со тоа ниту со правата на македонското малцинство. Не се споменуваат пресудите на Судот за човекови права во Стразбур.

Како исчезнаа Македонците во Бугарија и нивното право на здружување, сега засега не е јасно. Или дотогаш до кога македонската влада не побара објаснување зошто е тоа така.

До тогаш толкувањата можат да бидат различни. Од тоа дека бугарската дипломатија успеала да излобира кај државниот секретар Марко Рубио, до веќе општо познатиот став на новата администрација во Вашингтон дека малцинските права за нив не се важни, не само дома, туку и во странство

Ако станува збор за првото толкување, евентуалното лобирање на бугарските дипломати за ова прашање, тогаш станува јасно дека македонската дипломатија и највисоките функционери загубија еден силен адут во „битката со Бугарија“, каде важен дел се правата на македонското малцинство во соседната земја и почитување на одлуките на судот во Стразбур.

Ова е дотолку повеќе празително ако се сетиме дека за време на транзицијата на претседателите во белата куќа, актуелната влада се фалеше и ширеше информации дека има многу блиски контакти со американски високи претставници кои станаа дела од новата администрација на САД:

Сега кога САД тоа го премолчува, бугарската страна секогаш ќе се повикува на овој извештај тогаш кога македонската ќе бара почитување на меѓународните стандарди.

Не велиме дека САД и Бугарија се во право, но „сојузот“ по ова прашање меѓу нивните дипломатии, наеднаш станува крупно парче непријатен камен во чевлите на македонската дипломатија.

Редакцијата на Рацин.мк испрати прашања во врска со ова до Министерството за надворешни работи и меѓународна трговија на Северна Македонија. Одговорот на прашањето веднаш ќе го објавиме штом ќе го добиеме.

Зачлени се на нашиот е-билтен