Македонија меѓу 48 земји и ЕУ во ОН во заедничкото соопштение за руското нарушување на полскиот воздушен простор

Македонија меѓу 48 земји и ЕУ во ОН за поддршка на Полска, во заедничко соопштение за руското нарушување на полскиот воздушен простор.

На иницијатива на Полска, на маргините на вонредната седница на Советот за безбедност на ООН, група од 48 земји и Делегацијата на ЕУ издадоа заедничко соопштение за медиумите за најголемото нарушување на полскиот воздушен простор од страна на руски беспилотни летала од почетокот на војната во Украина. Соопштението го даде државниот секретар во Министерството за надворешни работи Марчин Босацки.

Во соопштението, објавено на веб странивата на Владата на Полска ја има и Северна Македонија. На листа земји е и Унгарија, но не и Србија.

Соопштението во продолжение го пренесуваме целосно:

Би сакал да прочитам соопштение во име на владите на Албанија, Андора, Австралија, Австрија, Белгија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Канада, Хрватска, Кипар, Чешка, Данска, Естонија, Финска, Франција, Грузија, Германија, Грција, Унгарија, Исланд, Ирска, Италија, Јапонија, Република Кореја, Латвија, Лихтенштајн, Литванија, Луксембург, Малта, Република Молдавија, Монако, Црна Гора, Северна Македонија, Норвешка, Холандија, Нов Зеланд, Португалија, Романија, Сан Марино, Словачка, Словенија, Шпанија, Шведска, Швајцарија, Украина, Обединетото Кралство, Соединетите Американски Држави, делегацијата на Европската Унија и мојата влада, Полска.

Тука сме да ја изразиме нашата сериозна загриженост и да го привлечеме вниманието на меѓународната заедница кон уште едно флагрантно кршење на меѓународното право и Повелбата на Обединетите нации извршено од страна на Руската Федерација.

Руската Федерација, додека ја напаѓаше територијата на Украина во ноќта на 9 септември, изврши деветнаесет упади на објекти од типот беспилотни летала во полскиот воздушен простор. Беспилотните летала, кои претставуваа реална закана за цивилното население, инфраструктурата и безбедноста на воздухопловството, беа превентивно неутрализирани. За прв пат од почетокот на целосната инвазија на Русија врз Украина во 2022 година, територијалниот интегритет на Полска – а истовремено и воздушниот простор на НАТО и ЕУ – беше прекршен на толку невиден и масовно ниво. На овој скандалозен инцидент му претходеа разни руски кршења на регионалните воздушни простори во минатото.

Затоа, Полска, за прв пат во својата историја, одлучи да побара свикување итен состанок на Советот за безбедност на ООН, дејствувајќи во духот на превентивната дипломатија. Состанокот беше побаран бидејќи неодговорните постапки на Русија претставуваат не само кршење на меѓународното право, туку и дестабилизирачка ескалација што го доближува целиот регион до конфликт повеќе од кога било во последните години. Таквата провокација е длабоко непочитување кон колективните и неуморни напори на меѓународната заедница за ставање крај на војната и враќање на мирот и стабилноста во согласност со меѓународното право. Ѝ благодариме на Република Кореја, која претседава со Советот, за свикувањето на состанокот.

Ја користиме оваа можност да го повториме нашиот повик до Руската Федерација да престане, без одлагање, со својата агресивна војна против Украина, да се воздржи од понатамошни провокации и да се придржува кон обврските загарантирани во Повелбата на Обединетите нации.

Ескалацијата не може и нема да го отвори патот кон мир. Само почитувањето на принципите на суверенитет, територијален интегритет и мирно решавање на споровите може да создаде услови за праведен и траен мир во Украина, во Европа и пошироко.

Во видеото од овој настан, кога заменик-шефот на полската дипломатија Марчин Босацки ги чита земјите потписнички на ова соопшен, тој не ја спомнува Северна Македонија.

Претходно некои онлајн медиуми во Македонија пренесоа дека Северна Македонија, заедно со Унгарија и Србија не била меѓу земјите кои ја поддржале иницијативата на Полска за вонредна седница на Советот на ОН, но името на нашата земја е на листата држави потписнички на соопштението.

Дали се работи за различни настани, иницијатива за вонредна седница и соопштение на 48 земји и ЕУ на маргините на таа вонредна седница, останува дополнително да се објасни.

Едно можно објаснување е дека оваа „конфузија“ произлегува од начинот на кој се доставуваат изјавите во Обединетите нации. Беа дадени две одделни изјави во врска со инцидентот со беспилотното летало над Полска, а името на Северна Македонија се појави само во една од нив.

Во заедничката изјава за медиумите, пред состанокот на Советот за безбедност на ООН, заменик-министерот за надворешни работи на Полска, Марчин Босацки, прочита заедничка изјава за медиумите на 12 септември. Оваа изјава беше поддржана од 48 земји, а во текстот експлицитно беше наведена Северна Македонија како потписничка.

За ова исто прашање има изјава и на ЕУ во име на ЕУ и нејзините земји-членки, како и на земјите кандидати за членство и земјите членки на ЕФТА. Северна Македонија е именувана во писмената верзија на оваа изјава на ЕУ како една од „земјите кандидати“ што се согласи со текстот на соопштението.

Зачлени се на нашиот е-билтен