Македонија ја одби понудената помош од Бугарија поврзана со испорака на мазут, која беше понудена по прогласувањето кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија. Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека земјава во моментов нема потреба од дополнителна поддршка.
Одлуката е соопштена по телефонски разговор меѓу министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и неговиот бугарски колега Георг Георгиев. Како што наведуваат од Министерството, Муцунски се заблагодарил за понудената помош, но посочил дека актуелната состојба е стабилна и дека во овој момент нема потреба од дополнителни енергетски ресурси.
„Министерот Муцунски изрази благодарност за понудената помош и нагласи дека состојбата со снабдувањето со електрична енергија е под контрола“, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Во исто време, Муцунски истакнал дека доколку Бугарија во иднина има потреба од ваков или сличен вид помош, Северна Македонија е подготвена да излезе во пресрет.
Понудата од Софија уследи еден ден по одлуката на Владата за прогласување кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија на целата територија на државата, со времетраење од седум дена. Владината мерка беше донесена поради настанати проблеми во енергетскиот систем и потребата од превентивно управување со состојбата.