Македонија со нов рекорд: Во 2025 4.745 жени пријавиле семејно насилство

насилство
Насилство врз жените, насилство Фото: Милена Ѓорѓевиќ/novinarkeprotivnasilja.org

Фалат обучени инспектори за заштита на жртвите, а паралелно со институционалните слабости, јавниот простор е сè повеќе затрупан со родови дезинформации кои го релативизираат семејното насилство, предизвикуваат сè поголема поларизација меѓу мажите и жените и го искривуваат поимот на родова еднаквост.

Антонија ПОПОВСКА*

Рекордни 4.745 жени пријавиле семејно насилство во 2025 година во Македонија, покажуваат бројките на Министерството за внатрешни работи (МВР), во кои спаѓаат кривични дела, прекршоци и поплаки од семејно насилство. Ако се погледнат бројките од последните пет години, состојбата е загрижувачка. Најчесто сопругите се најпогодената група, што е аларм за воведување засилени мерки за нивна заштита и поддршка.

Мета неодамна пишуваше дека насилството врз жени во Македонија повторно излегува на површина со серија загрижувачки случаи, што се случија во текот на само еден ден, а за кои извести МВР во еден од последните билтени. Во Скопје и во Делчево, повеќе жени пријавиле физички напади, закани и психичко малтретирање од своите партнери или поранешни партнери. Полицијата постапила по неколку пријави за родово базирано насилство, што е уште еден доказ дека многу жени се изложени на опасност зад затворените врати на своите домови.

Недостасуваат обучени инспектори за ефикасна заштита на жените-жртви 

Експертите потенцираат дека покрај законските мерки, потребно е зголемување на човечките ресурси во полицијата и поддршка за жртвите за навремено и ефикасно справување со случаите.

Ана Аврамоска Нушкова од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство,  смета дека зголемениот број на пријави во МВР од жени жртви се должи на тоа што за оваа тема сè повеќе се зборува јавно, има кампањи, медиумите се поактивни, па информациите што стасуваат до жените се повеќе на број, знаат каде да пријават и знаат кои се нивните права. Сепак, сè уште останува националниот процент според сеопфатната студија на ОБСЕ за благосостојбата на жените, дека процентот на новорегистрирани пријави за случаи на семејно насилство е околу 2 %.

„Жените повеќе го препознаваат насилство. Психолошкото насилство е најпријавувно во центрите за социјална работа при Министерството за социјална политика, демографија и млади, додека во МВР повеќе се пријавуваат случаи во кои има телесни повреди, загрозување на сигурноста на жената и сексуално насилство. Она што е најважно е како постапуваат надлежните институции кои се на прва линија да реагираат при прием на пријавата од жртвата. Обврска и на полициските службеници и на вработените во центрите за социјални работи, е да бидат сензибилизирани за оваа проблематика, професионални и да постапуваат со должно внимание. Треба да имаат предвид дека жртвата најчесто многу години живее во насилна средина и дека можеби ѝ било потребно многу време за да го направи првиот чекор“, вели Аврамоска Нушкова.

Според неа, во пракса често се случува жените-жртви да пријават, па да се повлечат и тие случаи завршуваат како поплаки за кои нема правни последици.

„Многу пати, жените кога пријавуваат насислство, знаеја и да се повлечат, поради економската зависност, заедничкото живеење, многу од нив живеат во семејни куќи со свекор, но и од останатите патријархални норми и родови стереотипи кои се уште постојат во нашето општество и притисокот од првично најблиското семејство, па потоа од пошироката средина. За кривичното дело телесна повреда каде најчесто се случуваа овие повлекувања на жртвата сега со последните измени на Кривичниот Законик при пријава на ова дело ЈО ќе го гони сторителот по службена должност. Но многу е важно што ние како систем имаме да и понудиме на жртвата за да ја заштитиме. Мора да е да имаме јаки институции и воспоставени, одржливи и географски соодветно распределени специјализирани сервиси, за да можеме соодветно да ја заштитиме жената-жртва која пријавила насилство“, додава таа.

Важно, според неа, е и кој ја прави првичната проценката на ризик, а пристапот треба да биде ориентиран кон жртвата и нејзините индивидуални потреби.

„Инспекторите за семејно насилство се високо едуцирани, професионални и сензибилизирани, но не секаде се доволни по број и не секогаш можат веднаш да одговорат соодветно на секој повик. Така што, сметам дека мора да се зајакне тој оддел при МВР. Луѓето се сензибилизирани, но и во извештајот на Државниот завод за ревизија е наведено дека има недостиг од стручен кадар и во МВР и во центрите за социјални работи. И нормално, важна е соработката меѓу нив, тие треба да ја водат жената и да прават план за нејзина безбедност“, смета Аврамоска Нушкова.

Родовите дезинформации – сојузник на насилството врз жените

Бројките и недостигот од човечки ресурси не се единствените фактори што влијаат врз начинот на кој родово базираното насилство се препознава и третира во општеството. Паралелно со институционалните слабости, јавниот простор е сè повеќе затрупан со родови дезинформации кои го релативизираат насилството, предизвикуваат сè поголема поларизација меѓу мажите и жените и го искривуваат поимот на родова еднаквост.

Неодамна, Здружението за унапредување на новинарските практики „Иновативни медиуми“ и Институтот за медиумска разновидност – Западен Балкан, објавија анализа насловена како „Мапирање на родово обележаните дезинформации во Западен Балкан“, чија авторка е Деспина Ковачевска, експертка за мониторинг на медиуми во Фондацијата „Метаморфозис“. Ширењето на дезинформации поврзани со родот придонесува кон поширокиот проблем на погрешни информации, искривувајќи го општественото разбирање за родовата еднаквост и зајакнувајќи штетни стереотипи.

„Во 2021 и 2022 година, посебно за време на пандемијата, кампањите за дезинформации беа во голема мера насочени кон бремени жени, со ширење на лажни тврдења дека вакцините против COVID-19 ќе предизвикаат сериозна штета на нивните неродени деца. Овие дезинформации поттикнаа страв и неизвесност, поткопувајќи ги напорите за јавно здравје насочени кон заштита на мајките и бебињата. По пандемијата, дезинформациите се префрлија кон антивакцинални наративи, со тврдења дека вакцините предизвикуваат неплодност кај жените. Во 2023 и 2024 година, бројот на случаи на дезинформации се удвои, со забележлива промена во наративот насочен кон дискредитирање на жените во политиката. Овој тренд стана поизразен поради зголемените напади врз женски политичари, често со фокус на нивниот пол и преку повторување на штетни стереотипи за да се поткопа нивниот кредибилитет и лидерство“, пишува во анализата.

Во анализата се наведува и дека, распространувачите на дезинформации се обидоа да го прикажат Законот за родова еднаквост како идентичен со Законот за матична евиденција и со тоа внесоа лажен наратив во медиумите, изедначувајќи ги двата закони.

„Со тврдењата дека со само еден потпис маж може да стане жена и обратно, тие создадоа конфузија и ја искривија вистинската содржина на законот. Како резултат на тоа, достапноста на точни информации од страна на надлежните институции се намали, што доведе до состојба во која јавноста повеќе не беше соодветно информирана. Наместо поттикнување конструктивна дебата, се соочивме со медиумско оцрнување и паника“, пишува во анализата.

Оваа сторија е дел од проектот ReFrame: Stories That Bridge кој e финансиски поддржан од Европска Унија во рамки на Reporting diversity Network program. Содржината е одговорност на Мрежа Стела и не ги одразува ставовите на Европската Унија или на Reporting Diversity Network (RDN).

Преземено од Мета.мк

Зачлени се на нашиот е-билтен