Македонија со слаб учинок во Планот за раст на ЕУ – исполнети само 2 од 19 реформи, Србија и Албанија со нула напредок

Европската комисија ги објави резултатите од Механизмот за реформи и раст за Западен Балкан, со кои се мери напредокот на земјите-кандидати кон европските фондови преку спроведување на клучни реформи. Според извештајот, Македонија досега има реализирано само два од петте планирани чекори до крајот на 2024 година – што претставува 40% исполнетост. За ова, земјата доби приближно 8,5 милиони евра од вкупно достапните средства.

Сепак, загрижувачки е фактот што за тековната 2025 година, Македонија треба да исполни уште 17 дополнителни обврски (вкупно 19) за да може да добие до 134 милиони евра. Засега, напредокот е нула – што значи дека до септември, не е забележано никакво поместување во реализацијата на тие реформи.

Дополнително, земјата треба да надомести и заостанати обврски од претходната година, па вкупно до крајот на декември 2025 година има за реализација 48 чекори, поврзани со институционални, економски и антикорупциски реформи. Овие активности се предуслов за пристап до вкупни средства од околу 205 милиони евра од ЕУ.

Реформите опфаќаат широк спектар – од реструктуирање на железничкиот сектор и зголемување на бројот на трудови инспектори, до подготовка на ново законодавство за сајбер безбедност, електронски комуникации, јавна администрација и антикорупциски механизми. Дел од обврските вклучуваат и мерки како зголемување на интернет-покриеност во училиштата, подобра регулација на судските плати и професионализација на јавните набавки.

Во споредба со останатите земји од регионот, Македонија стои подобро од некои, но не и доволно. Албанија и Србија, на пример, досега не спровеле ниту еден реформски чекор – со што бележат нула проценти напредок и не добиле ниту едно евро од предвидените средства. Од друга страна, Црна Гора покажува најдобри резултати со околу 50% исполнетост.

Европската комисија е јасна – пристапот до средства ќе биде строго условен со реална и навремена реализација на реформите, без простор за компромиси. Како што се наближуваат изборите во Македонија, неизвесно е дали Владата ќе успее да одговори на предизвикот и да ја забрза реформската агенда.

Извор: Nezavisen.mk

🔗 Целосен извештај од Европската комисија – Реформски монитор

Зачлени се на нашиот е-билтен