Македонија, Србија и БиХ ќе увезуваат отпад од ЕУ

Македонија, Србија и Босна и Херцеговина се меѓу 24-те земји што ја информирале Европската комисија за подготвеноста да прифаќаат отпадни материјали од Европската Унија.

Северна Македонија изрази интерес за увоз на 18 видови на неопасен отпад, вклучувајќи метали (железо, алуминиум, олово, челик), хартија, стакло, како и отпадни масла и масти. Министерството за животна средина ја достави листата до Европската комисија, која ќе одлучи дали земјата има капацитет за еколошки безбедно управување со овој отпад.

Според новите регулативи на ЕУ, од 2027 година ќе важат построги правила за извоз на неопасен отпад во земји кои не се членки на ОЕЦД. Доколку Македонија ги исполни еколошките стандарди, ќе може да увезува одредени видови отпад. Дополнително, од 2026 до 2029 година, извозот на пластичен отпад ќе биде целосно забранет, освен за земјите што ќе докажат капацитет за негова безбедна обработка.

Еколошките организации предупредуваат на можноста од незаконски увоз на опасен отпад и бараат засилена контрола на границите. Според Татјана Чакулев од „О2 иницијатива“, согорувањето на одредени видови отпад може да ослободи канцерогени супстанции, кои се таложат во воздухот и природата, што може да има сериозни последици врз здравјето на граѓаните.

Просечно, секој жител на Европа генерира околу пет тони отпад годишно, но само 38% од него се рециклира. Повеќе од половина од отпадот од домаќинствата завршува на депонии, додека милиони тони пластичен и метален отпад се извезуваат во земји надвор од ЕУ, најчесто во Турција, Индија и Египет.

Извор Дојче Веле

Зачлени се на нашиот е-билтен