Северна Македонија заедно со Русија, Србија, и дел од Грција и Света Гора, го практикуваат Јулијанскиот календар и кога се во прашање верски празници се појавува таа временска разлика од 13 дена. Останатите православни цркви, меѓу кои од пред десетина години е и Бугарската православна црква, празнуваат по Грегоријанскиот календар.
Особено во време на славење на Божиќ се актуелизира празнувањето на верските празници според два различни календари: Јулијанскиот и Грегоријанскиот. Јулијанскиот календар е постар, но некои негови недоследности довеле до потребата од негово реформирање.
Историски ова прашање се исправило пред црковните претставници на христијаните на првиот Вселенски собир во Никеја во 325 година од оваа ера, на кој учествувал и верски преставник од градот Стобијас или денешно Стоби, кога е решено Велигден секогаш да се прославува после пролетната рамноденица и еврејскиот празник Пасха (Paschal), и тоа во првата недела по полната Месечина.
Меѓутоа, Јулијанската година оди понапред (речиси еден ден на секои 128 години) во однос на тропската година, па поради тоа доаѓа до појава на вишок денови. Така, според овој календар, во 1582 година Велигден требало да се прославува на 11 март, што не било во согласност со црковниот закон.
За таа цел Римскиот папа Грегориус (Gregorius XIII, вистинското име му е Ugo Buoncampagno, 1502 – 1585) на 24 февруари таа година, донесува декрет познат под името Inter Gravissimas, што на латински значи „меѓу најважното“. Извршувањето на овој декрет им било доделено на германскиот астроном и свештеник Christopher Clavius (вистинското име му е Chrisopher Schiussel, што во превод значи „клуч“, 1538 – 1612) и италијанскиот астроном и физичар Aloysius Lilius (вистинското име му е Luigi Lilio Ghiraldi).
Реформите на новиот календар се состоеле во тоа што прво биле исфрлени 10 дена, така што по тој четврток, 4 октомври, следниот ден станал петок 15 октомври, наместо петок, 5 октомври. Оваа одредба донела голема забуна и побуна кај населението, кое сметало дека им се украдени 10 дена од животот. Вториот декрет се состоел во тоа што секоја четврта година, како и секоја секуларна година (година од новиот век во која третата и четвртата бројка се две нули) која е делива со 400 без остаток, биле прогласени за престапни години. Така на пример: 1600 година е престапна година, затоа што е делива со 400 без остаток, но 1700, 1800, 1900 не се престапни затоа што кога се делат со 400 има остаток. Според Грегоријанскиот календар и 2100 година нема да биде престапна (делива е со остаток), па така разликата помеѓу Грегоријанскиот и Јулијанскиот календар тогаш ќе се зголеми на 14 дена.
Значи, сегашната разлика помеѓу двата календари изнесува 13 дена, кои се добиени од 10-те одземени дена (во 1582 година) и трите секуларни години (1700, 1800 и 1900) кои не биле престапни според Грегоријанскиот календар (во Јулијанскиот календар овие години се престапни).
Први држави кои го прифатиле овој календар биле Италија, Шпанија, Португалија и Полска. Тие почнале да го употребуваат календарот веднаш по реформата во 1582 година. На просторот на Македонија Грегоријанскиот календар се користи од 23 јануари 1919 година.
МПЦ меѓу двата календари
Поглаварот на Македонската Православна Црква, г.г. Стефан своевремено остави простор да се разговара за промена на календарот. Секоја година околу Божик, во јавноста се поставува прашањето дали Македонија треба да го прифати новиот Грегоријански календар и да ги усогласи празниците заедно со европските држави. Пред десеттина години за ова пршање имаше и официјален предлог од Сојузот на Стопански комори, кои побараа заедно со Владата и црквата да седнат и да најдат начини како да се реши ова прашање.
Архиепископот г.г. Стефан вели дека пред 30 години ова прашање било разгледувано на црковните тела, но надвладеал ставот дека МПЦ треба да остане да ги слави празниците според стариот Јулијански календар.
– Прашањето од бизнис заедницата е интересно прашање заради бизнис релациите со западниот свет. Инаку, календарот не е догматско прашање, бидејќи православните цркви денес се поделени по ова прашање, некои слават по Јулијанскиот, а други по Грегоријанскиот календар. Веројатно ова прашање ќе дојде на дневен ред на Светиот архиерејски синод, но кога јас би се прашал, би посакал заеднички календар за сите хријански цркви, вели архиепископт г.г. Стефан, нагласувајќи дека е добро за ова прашање да се дискутира.
Конкретно, воведувањето на грегоријанскиот календар во денешна Македонија започнува со неговото воведување во општа употреба во тогашното Кралство СХС, од кога државата и православната црква фактички практикуваат различни календари. Трендот е задржан и во Титова Југославија, кога се обновува автокефалноста на МПЦ.
Но, прашањето на празнувањето на верските празници и календарите е многу повеќе научно (астрономско) и практично, отколку верско. Грчката, а од пред неколку години Бугарската и Романската црква го прифатија т.н. ревидиран јулијански календар, кој исто така го слави Божиќ како и западниот свет, на 25 декември, а овој ревидиран календар формално е прифатен на Сеправославниот конгрес во 1923 година.